Дачиќ: Не идеализирајте го Тачи, таксите се идеја на неговите соработници
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, реагирајќи на изјавата на косовскиот претседател Хашим Тачи кој повика на укинување на таксите за увоз на стоки од Србија и Босна и Херцеговина, оцени дека не треба многу да се идеализира, посочувајќи дека таксите се идеја на најблиските соработници на Тачи.
– Енвер Хоџај и Кадри Весели кажаа дека е нивна идејата за воведување такси од 100 проценти, а Весели е човек на Тачи. Тоа е заедничка игра во која, по се изгледа најмногу последици ќе има Рамуш Харадинај, истакна Дачиќ за ТВ Прва.
Тој додаде дека САД нема да дозволат Косово да биде пречка за постигнување трајно решение, но и тоа што го рече Тачи не е сигнал дека таксите ќе бидат навистина укинати.
Дачиќ уште еднаш го повтори ставот на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини дека секое решение за Косово мора да дојде во Советот за безбедност на ОН.
– Она што досега е направено не мора пред СБ, но ако се дојде до трајно решение, тогаш ова прашање ќе се врати во СБ, бидејќи би било логично Резолуцијата 1244 да се замени со некоја друга. Сергеј Лавров испрати писмо до Могерини, во кое побара да го информираат за текот, но таа не го извести веднаш. Најважниот дел од писмото кое подоцна го испрати Могерини е дека ЕУ ја цени улогата на Русија, што е добро, бидејќи потврдува дека се уште треба да се дискутира и дека улогата на нашите пријателски земји, Русија и Кина, ќе биде важна, изјави Дачиќ.
Тој додаде дека тоа не значи оти ќе има промена во форматот на дијалогот, а ако постојат индикации дека ќе се дојде до позитивен ефект, тогаш можно е, во смисла на организацијата, сите да бидат вклучени.