Ги чуваат како заложници за да платат здравствени трошоци


Половина од населението на планетава нема пристап до основни здравствени услуги. За многу луѓе што плаќаат за да посетат доктор, да ги добијат потребните лекови, да побараат совет за планирање на семејството или да се имунизираат против општи болести, тоа е избор помеѓу останување здрав и запаѓање во сиромаштија. Сега, повеќе од кога било, здравствените можности што ги имаат сиромашните луѓе се деградирани од познат непријател.
Во многу земји со низок и среден приход корупцијата и несоодветното трошење на ресурсите претставуваат трајни предизвици за здравствените системи. Во Пакистан видов луѓе што беа принудени да одат во крајности за да обезбедат здравствена заштита. На пример, семејствата се принудени да продаваат стока и други скапоцености за да ги платат превисоките медицински сметки. Тоа што е шокантно е што злото на сиромаштијата поврзано со здравјето продолжува да зема жртви и денес. Во некои земји секојдневна реалност е луѓе да запаѓаат во сиромаштија поради високата цена на здравствената заштита.

При неодамнешната посета на Африка, слушнав ужасна приказна за болница каде што жените и нивните новороденчиња рутински се држат како заложници, често и со месеци, сѐ додека семејствата не ги соберат парите за да ги платат сметките. Според истражувачите на Универзитетот во Сан Диего во Калифорнија, корупцијата, несоодветното трошење и неетичкото наплаќање на трошоците ги чини пациентите и здравствените системи милијарди долари годишно. Во Соединетите Американски Држави дури 10 отсто од трошоците на јавниот сектор за здравствена заштита се изгубени за лажни фактури, а десетици милиони луѓе се соочуваат со значителни економски бариери за здравствена заштита. За подобрување на здравствените резултати, потребно е зголемување на владините трошоци и крај на сомнителната практика која ги исцицува клучните ресурси од здравствениот систем. Но како?

Низ целиот свет корупцијата и митото се институционализирани во многу здравствени системи. Од 6,5 билиони долари годишно одвоени за здравство, околу 455 милијарди долари се изгубени, злоупотребени или украдени. Едноставно кажано, здравствените трошоци ги банкротираат најсиромашните луѓе во светот бидејќи најбогатите ги полнат своите џебови.

Постои растечки консензус дека прифатлива, квалитетна здравствена заштита е основно човеково право. Целите на одржливиот развој на Обединетите нации вклучуваат универзална здравствена покриеност како основна цел. А, не се само богатите земји тие што ја прифатија оваа цел: од Тајланд до Костарика, Руанда, земјите со мешани здравствени системи и ограничени ресурси инвестираа средства и политички капитал за универзалната здравствена заштита да стане реалност. Се преземаат чекори да им се помогне на овие земји да успеат во тоа. Минатата година Јапонија вети 2,9 милијарди долари за да им помогне на земјите во развој да постигнат универзално здравство. Светската банка, исто така, порача дека можноста на земјите да позајмуваат од банката би можела на крајот да биде поврзана со инвестиции во човечкиот капитал, вклучувајќи ги и трошоците за здравствена заштита. Но таквите гестови, колку и да се за восхит, како и задоцнети, нема да бидат доволни за отстранување на бариерите за квалитетни здравствени услуги. Сѐ додека корупцијата, кражбата, непотребното и неефикасно трошење не се решат, универзалната здравствена заштита ќе остане само нешто кон кое ќе се стремат.

За среќа, владите сѐ повеќе се посветени на решавање на кризата со корупција. Даночното затајување и измамата – и двете вообичаени кривични дела – се сѐ повеќе контролирани од агенциите за спроведување на законот. Даночното затајување не само што овозможува перење пари, тоа исто така го ограбува јавниот сектор и му одзема важни ресурси. Ова е една од причините зошто ОН го направат намалувањето на нелегалните финансиски текови клучна компонента за постигнување на „Целите за одржлив развој“.

Проширувањето на пристапот до здравствена заштита, како и заштитата на финансиите во секторот, се двојни предизвици со кои меѓународната заедница мора да се справи во исто време. Постои итна потреба да се дејствува без одлагање. Стапките на незаразните болести, како што се рак, дијабетес и кардиоваскуларни болести се зголемуваат рапидно, а недостигот на пристап до квалитетна нега ќе влијае на справувањето со овие заболувања во многу земји.

Стратезите за развој разбираат дека лошото здравје е предвесник на сиромаштијата и е бариера за елиминирање на истата. Денес, околу 800 милиони луѓе трошат најмалку 10 отсто од својот домашен буџет за здравство и честопати се впуштаат во долг за да го платат третманот што им е потребен. Фактот што толку многу луѓе не можат да си дозволат да посетат лекар е навистина срамен. На светот му треба универзална здравствена заштита, но за да се постигне тоа самиот светски здравствен сектор мора да помине низ третман.

Саниа Ништар (Светска здравствена организација)

Copyrigrht: Project Syndicate 2018