Возило на косовската полиција слета во Лепенец, се трага по двајца полицајци
Двајца косовски полицајци, А.Т. (23) и М.Д. (26), минатата ноќ исчезнаа кога нивното возило од непознати причини излета од автопатот Генерал Јанковиќ – Качаник во реката Лепенец.
Потрагата по нив е прекината околу четири часот утрово и продолжува денес, изјави за „Коха“ портпаролот на косовската полиција.
Според изјавата на косовската полиција, полициското возило минатата ноќ околу 20:30 часот, од непознати причини, на автопатот Генерал Јанковиќ – Качаник, ја преминало левата страна од патот и слетало во реката Лепенец.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека веста за исчезнувањето на двајцата косовски полицајци во реката Лепенец ја примил со жалење.
„Ја делиме со семејствата и пријателите загриженоста во оваа многу тешка ситуација на надеж и страв за судбината на нашите полицајци”, рече Харадинај.