Водачот на турските Курди Демирташ осуден на четири години и осум месеци затвор
Поранешниот лидер на турската Народна демократска партија (ХДП) Селахатин Демирташ денеска беше осуден на четири години и осум месеци затвор поради ширење на терористичка пропаганда.
ХДП е една од водечките партии на турските Курди и Демирташ беше еден од најуспешните нејзини лидери откако освои 13 проценти од гласовите на изборите во 2015 година. Во ноември следната година, по обидот за државен удар против претседателот Реџеп Тајип Ердоган, Демирташ беше обвинет дека ширел терористичка пропаганда со изјави кои ги дал во 2013 година. Заедно со Демирташ беше осуден и Сири Суреја Ондер, поранешен пратеник на ХДП, кој доби казна од три и пол години затвор.
Партијата ХДП, по изрекувањето на пресудата, оцени дека со неа турската Влада решила да продолжи да води политика на војна против Курдите. Претседателот Ердоган го обвинува Демирташ дека со своите активности придонел кон серијата безредија и бунтови за поддршка на Курдите во Сирија во 2014 година, кога десетици курдски цивили загинаа во судири со турските безбедносни сили.