Власта со тужби ќе се брани од ВМРО-ДПМНЕ
Со тужби против ВМРО-ДПМНЕ и нејзините портпароли, министри во Владата и директори ќе се бранат од обвинувањата што доаѓаат од оваа партија за наместени тендери, проблеми со лекови или текстови со лажна содржина. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека заканите се залудни.
Најмалку пет тужби за период од десетина дена најавија министри и директори против ВМРО-ДПМНЕ, нејзините портпароли и против портали што се поврзуваат со опозициската партија
Особено на удар од опозицијата е Министерството за здравство. Последната тужба што ја најави министерот Венко Филипче е за пресот на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, од пред три дена, каде што тој обвини за наводна донација на лекови со краток рок на употреба од невладина организација во сопственост на Филипче. Оттаму тврдат дека невладината организација PHM-CEE, во која е и министерот за здравство, е дел од голема граѓанска меѓународна организација и не е во функција повеќе од една година. ВМРО-ДПМНЕ обвини и дека инсулините се со рок што брзо истекува.
„Вака изнесените невистини му нанесуваат штета на Министерството за здравство и влијаат на пациентите поради што го повикуваме портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, јавно да се извини. Во спротивно, Министерството за здравство ќе ги преземе сите расположливи правни инструменти согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“, соопштија од Министерството.
Според одговорот што го добивме од Стоилковски, тој не мисли да се извини.
– Искрено жалам што јавното здравство и со тоа здравјето на граѓаните, па и моето и на моето семејство, се во рацете на министерот за крвави тендери и неговите директори кои си доделуваат пари на семејните компании. Уште повеќе жалам што овие лица, Филипче и Ставридис, се дел од јавното здравство и дел од универзитетските клиники каде што влијаат на идните кадри кои навистина би требало да бидат во служба на здравјето на сите граѓани – изјави Стоилковски.
Филипче не беше предмет на вакви критики во време на претходната власт, како советник на Никола Тодоров.
Претходно, од Министерството за здравство побараа порталот „Лидер“ да го повлече текстот со наслов „Филипче, Васев и Пановска во акција: Без тендер доделени 24,6 милиони за веледрогеријата ‘Д-р Пановски’“ за кој сметаат дека е клевета. Филипче објаснуваше нема мандат или поврзаност за набавките на секоја клиника посебно.
„Доколку овој демант не биде објавен во предвидениот рок, ќе следува постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штетата, согласно член 19, став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, пред надлежниот суд утврден со законот“, соопштија од Министерството.
Кон тужбите се приклучува и директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска-Ставридис. Неа ВМРО-ДПМНЕ ја обвини дека како директорка влијаела велодрогеријата „Д-р Пановски“, во сопственост на нејзиниот татко, да ја снабдува Клиниката со лекови. Во допис во кој дава детални информации за набавките на Хематологија, таа вели дека не очекува извинување од ВМРО-ДПМНЕ, туку дека ќе поведе судска постапка.
И министерот за земјоделство Љупчо Николовски вчера најави тужби за клевета против портали што важат за блиски до опозициската партија. Тие обвинија дека, наводно, прв братучед на Николовски е фатен во обид за шверц. Тој ги повика двата портали да ги повлечат текстовите и да се извинат, во спротивно ќе следува тужба.
Наводните скандали поврзани со владини функционери што ги објавува ВМРО-ДПМНЕ, се толкуваат и како дел од кампањата пред референдумот, чија цел е со добро познатата тактика на креирање лажни вести, што повеќе да се оцрни противникот.
– Залудни се заканите со тужби што се дел од насилството кое се спроведува врз политичките неистомисленици кога од власта недостигаат одговори на поставените прашања. Дали во време на кампања треба да се дозволи криминални тендери, судири на интереси, грантови за функционери, па и времени вработувања во коруптивни цели да бидат премолчени и дозволени во овој период? Кога и дали ВМРО-ДПМНЕ ќе почне кампања тоа ќе биде јавно соопштено – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Законот, извинувањето, доколку го има, треба да се објави во рок од 48 часа од денот на доставување на реакцијата.
С.С.З.