Викторија Лоба : Имам една желба во Новата 2019!


Пред Нова година ќе оствари една многу голема желба – промоција на првиот студиски албум „Нов свет“, и тоа во две изданија – македонска и англиска верзија, чии музички продуценти се Марга Сол и Роберт Билбилов. Во новата 2019 си посака уште една многу, многу, голема желба која е само нејзина, интимна.

Викторија Лоба (30), поп-пејачка со ангелска убавина, сѐ повеќе ја освојува македонската поп-сцена, ама со својата професионалност и изглед е интересна и за комерцијалните брендови.

– Јас сум артист и тоа вклучува повеќе таленти и секако, многу одговорна работа што јас со широко срце ја прифаќам зашто ме прави да се чувствувам слободна, среќна и исполнета – вели Лоба за своите ангажмани.

Станала пејачка спонтано, по детската „Евровизија 2003“.

– Откако знам за себе, музиката секогаш имала посебно место во мојот живот, таа е мојот канал преку кој добивам чиста и искрена енергија – вели Лоба.

Што ја тера напред, а што не би повторила?

– Насмевките на моите најблиски ме тераат да творам и да бидам сигурна во себе, а нешто што не би го повторила е да бидам жртва за луѓе што не ме ценат – вели пејачката.

Постојат повеќе настапи и патувања кои ѝ враќаат интересни спомени.

– Не би можела да издвојам сега, но дефинитивно ми претстојат уште многу убави моменти и патувања што си ги имам замислено за следната година – раскажува Викторија.

Семејството дефинитивно ѝ е најголема поддршка.

– Тука спаѓаат и моите блиски соработници, луѓе со кои имаме исти цели и кои ми помагаат во реализација на мојот сон – вели Лоба.

Новогодишните празници ѝ значат многу.

– Новогодишните празници сѐ уште ја имаат таа магија од моето детство, затоа едвај чекам да дојде оваа сезона на забава и нови почетоци. Во Русија за Нова година многу често луѓето се маскираат, едни на други си подаруваат подароци што ги оставаат под елката. Во моето семејство секогаш велевме како ќе ја дочекаме Новата година таква таа и ќе ни биде, затоа новогодишната ноќ секогаш беше најрадосен празник за нас.

Новата година ќе ја помине работно.

– Новата година како и лани ќе ја дочекам во друштво на моите најблиски пријатели и други гости во ресторанот „Фор“ во хотелот „Парк“ каде што ќе ги забавувам сите, а воедно ќе уживам во мојата професија која ме прави да сум најсреќна – вели Лоба.

2018 година ќе ја памети по сите успешно завршени проекти.

Што си посакува во 2019 година?

– Во новата 2019 година на сите читатели им посакувам да ги остварат своите цели, да се во одлично здравје и да имаат милион причини за среќа и насмевки. За себе во новата година посакувам да имам добро здравје, поголем успех од лани и постои уште една желба  која е многу, многу важна за мене и ако ви ја кажам, може да не се исполни. Затоа ќе ја чувам за себе до моментот на остварување – објаснува Викторија.

Пејачката ја негува традицијата на подарување.

– Обожавам да подарувам и да примам подароци, тоа мало внимание секогаш прави да се чувствуваме одлично, затоа секако дека ја негувам таа традиција пред Нова година – вели Лоба.

Предизвикува внимание и со стилот на облекување.

– Отсекогаш сум сакала да се изразувам преку облеката и стилот. Тука има нешто и од домашното воспитување, зашто уште од бебе постојано ме дотерувале бабите и мајка ми и секогаш сум била средена. Тоа чувство за естетика верувам ми е пренесено од нив.

Стилот ѝ варира, како и расположението.

– Некогаш сакам нежни пастелни бои, романтични аутфити, но можам да се облечам и во целосно кожен стајлинг. Сепак, тоа што го носам секој ден се моите омилени фармерки и памучна блуза, црна или бела, секогаш свежа коса и минимална шминка. Ги следам трендовите и повремено вметнувам по нешто од тоа што е моментално тренди, како бунда од вештачко крзно, екстремно високи чизми, сѐ што е црвено итн.

Ја  користи само козметиката на шведскиот бренд „Орифлејм“, поради нивниот квалитет и постојаност.

– Имам чувствителна кожа и многу ми е битно што ставам на лице, од крема до шминки и кармини, вели Викторија.

Носи и ниски и високи потпетици.

– Фан сум на патиките „адидас суперстар“ за секој ден, но кога од мене се бара да се покажам во најдобро светло, тогаш секогаш одбирам високи потпетици и тоа е нешто на кое никогаш не штедам пари – ни откри Лоба.

Лејла Сабит    Фото: Ани и Дими