Веибо: Фабриката не работи поради неможноста да ги исполниме договорните обврски


Еден месец по затворањето на производствениот погон за текстил “Веибо” во Крива Паланка, што резултираше со прекин на работниот однос на 210 работници, сопственикот и управител на текстилната компанија “Веибо Груп”-Македонија,Мустафа Иршат-Канџа се огласи преку соопштение во кое вели дека не станува збор за тоа дека не можело да се обезбеди работа за фабриката, туку раководството не можело да го сработи договореното и навремено да го испорача на нарачателот.

– Првичната замисла беше да се отворат производствени погони во слободна економска зона Ранковце, каде би биле вработени над 6.000 лица,а со договорот за откуп на земјиштето се обврзав за вработување на 2.000 лица. Проблемот беше што не можевме да најдеме соодветен кадар, па почнавме да вработуваме и лица без квалификации, што резултираше со мала продуктивност, производи кои не ги задоволуваа стандардите и ненавремена и нецелосна испорака на стоката до нарачувачот, заради што станавме неконкурентни на пазарот, вели Канџа во соопштение.

“Веибо груп” на поранешните вработени, чиишто договори за работа истекоа на 31 јануари годинава, им должи три плати, исплата на придонеси за пензиско и здравствено осигурување и прекувремени работни часови.

Од 1 февруари досега, 210-те вработени ја блокираа во повеќе наврати магистралата А2, Куманово -Крива Паланка, протестираа пред Општината и пред погонот на фабриката, повикувајќи ги менаџментот и управителот да им ги исплатат платите.

– По неможноста да обезбедиме соодветен кадар и да го реализираме договорот, се обративме до тогашната влада, барајќи негово ревидирање и ослободување од пенали, но не наидовме на разбирање. По смената на власта со нашиот проблем беше запознаена и новата влада, која, исто така, немаше слух за нашите проблеми и го продолжи односот кој го имаа нивните претходници

„Како компанија никогаш не сме го оспориле долгот кој го имаме кон нашите вработени, ниту бегаме од таа обврска, единствено бараме соодветно решение на проблемот и разбирање, како од работниците, така и од властите“, се вели во соопштението.

Канџа во ова соопштение наведува дека никогаш не добил ниту едно евро субвенции за вработувања или каква било друга помош од државата.

Работниците, преку претставници на Иницијативниот одбор, пак велат дека не бараат ништо повеќе од она што го сработиле, ниту пак прифаќаат помалку од она што им следува.