В четврток и петок средба Димитров- Коѕијас- Нимиц во Њујорк
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на 24 и 25 мај (четврток и петок) во Њујорк, ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во присуство на личниот пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации, Метју Нимиц, соопштуваат од македонското МНР.
Средбата, во исто време со нашето, ја соопштија и од грчкото Министерство за надворешни работи.
Онлајн изданието на весникот „То вима“ коментира дека оваа средба, можеби е и последна шанса за договор.
– Оваа средба е од исклучиво значење и особено клучна за текот на преговорите. Можеби е и последна шанса за напредок по „бродоломот“ со името „Илинденска Македонија“ и враќањето на петте почетни имиња што ги достави Метју Нимиц. Секако, двете имиња што преовладуваат се Нова и Горна Македонија и веројатно разговорите ќе се движат околу овие сценарија, пишува електронското издание на грчкиот весник.