Биљана Стојановска добитничка на книжевната награда „Тодор Чаловски“


Биљана Стојановска, поетеса, есеист, критичар и книжевен преведувач, ја доби наградата „Тодор Чаловски“, која Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ ја доделува на млад автор од Македонија во областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми.

Наградата, која се доделува трет пат и е востановена во сеќавање на писателот Тодор Чаловски (1945-2015), се состои во објавување книга на наградениот автор во 2018 година, резидентен престој во Галичник и авторски хонорар за изданието.

Информацијата за наградата била соопштена на 23. Галичка книжевна колонија која годинва се одржа на 11-ти и 12 ноември и на која покрај наградената Стојановска учествувале уште тројца претставници на новата генерација македонски поети (Снежана Стојчевска, Ѓоко Здравески и Д.А. Лори / Долорес Атанасова-Лори).

Биљана Стојановска (Скопје, 1984) дипломирала македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Во 2015 година ја објавила првата збирка поезија „Зборовите немаат значење“. Нејзини песни се објавувани во антологии и списанија за литература. Член е на независната поетска трупа „Астални проекции“ и има учествувано на фестивалот Струшки вечери на поезијата. Работи како новинар во дневниот весник „Нова Македонија“.

Претходни добитници на наградата „Тодор Чаловски“ се младите поети Марта Марковска и Иван Антоновски. Наградата „Тодор Чаловски“ за 2017 е поддржана со донација од Комерцијална банка а.д. Скопје.