Анкета на Божиновски: 43,2 отсто од граѓаните ќе гласаат „за“, а 22 „против“ на референдумот за името
Институтот за политички истражувања ИПИС, каде што координатор е политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, спроведе анкета во врска со претстојниот референдум, објави „Фокус“. Истражувањето на јавното мислење покажало дека 43,2 отсто од граѓаните би гласале „за“ на претстојниот референдум, а 22 отсто „против“, а цензусот би се постигнал и референдумот би бил успешен. Анкетата била спроведена помеѓу 6 и 10 август.
Само 22 отсто од испитаниците рекле дека ќе го бојкотираат референдумот, а 12 отсто одговориле дека не знаат како ќе гласаат.
Се забележува разлика помеѓу одговорите на етничките Македонци и етничките Албанци. Од испитаниците кои одговориле дека ќе гласаат „за“ на референдумот 32,4 отсто се етнички Македонци, а 80,9 отсто се етнички Албанци. Сепак помал е бројот на етнички Македонци кои одговориле дека ќе гласаат против, 26 отсто, а 27 отсто од нив одговориле дека ќе бојкотираат.
Од етничките Албанци 10 отсто одговориле дека ќе гласаат против, а 1,9 отсто дека ќе бојкотираат.
Резултатите на ИПИС покажуваат дека доколку следната недела се одржат парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ би победила со тесна разлика. За опозициската партија би гласале 23,2 отсто од граѓаните, додека за СДСМ би гласале 22,8 отсто.
Споредбата со анкетата направена пред еден месец покажува драстичен пад во рејтингот на СДСМ. Пред само еден месец за СДСМ ќе гласале 26 отсто од граѓаните, додека за ВМРО-ДПМНЕ 21,3 отсто. Анкетата била спореденава врз 1.110 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија. Целта на истражувањата, велат од ИПИС, беше да се анализира ефектот на договорот со Грција врз поддршката кон политичките партии.