Абдиу: Нерегуларни Собранија со делегати фантоми
Вонредното Генерално Собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е нерегуларно за општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Тетово. Ова е став на неговиот претседател Мемет Абдиу кој за „Независен Весник“ образложи и зошто. Притоа се повикува на членот 7 од Статутот на ФФМ од 2012 година и упатува на фантомски тетовски делегати на седниците на највисокото тело во Куќата на фудбалот од 18 февруари во 2017 година кога се случи реизборот на Илчо Ѓорѓиоски.
Членот 7 ги пропишува правата и обвските на секој ОФС и условите за членство во Собранието на ФФМ. Што вели членот 7 од Статутот што е означен „вон сила“ на интернет страницата на ФФМ? –
Првиот услов за еден ОФС да стане член на ФФМ во став 2 ја наложува потребата за најмалку шест фудбалски клубови што се регистрирани на неговото подрачје со обврска да се настапуваат во натпреварувања во организација на односен ОФС. Вториот услов е да има најмалку 15 судии кои се едуцирани и регистрирани во ФФМ и/или национална организација на судии. И третиот е да има свој Статут и други акти. Став 3, пак, вели дека „секој ОФС што не ги исполнува условите од став 2 по автоматизам го губи својот членски статус во ФФМ, но негови здружени клубови може да побараат припојување кон некој ОФС што е член на ФФМ. Управниот одбор на ФФМ ги одобрува таквите барања базирајќи ја својата одлука на географски критериуми и бара измени на прописите и Статутот на засегнатиот ОФС“.
Со прекршен фудбалскиот Устав се носат одлуки
Согласно ова, вели Абдиу, Собранијата на ФФМ се нерегуларни бидејќи, според него, петнаесетина од вкупно 26 ОФС на територијата на Македонија што за сезоната 2016/17 не исполнуваа критериуми за учество во собраниските расправи.
„Општински фудбалски сојузи што не исполнува еден услов или сите трите се ОФС Гевгелија, ОФС Демир Хисар, ОФС Кратово, ОФС Кисела Вода, ОФС Липково, ОФС Македонски Брод, ОФС Пробиштип, ОФС Ресен, ОФС Свети Николе, ОФС Штип, ОФС Неготино, ОФС Гостивар, итн. Во Штип, на пример, за сезоната 2016/17 има потребниот број на екипи и судии, но нема општинска лига. Неготино го исполнува условот за екипи, но не и за судии. Проверката на ова е едноставна преку КОМЕТ системот, база на податоци што ја има секоја земја“, појаснува Абдиу за „Независен Весник“.
Оттука, нагласува Абдиу, не може да се говори за легитимност на Собранија што некои се свикуваат за избор на претседател, а некои, како последното, за измени и дополнувања на Статутот.
Паралелни сојузи како проблем
ОФС Тетово на Собранието на ФФМ во неделата во Охрид било претставувано од делегати што за Мемет Абдиу се нелегитимни. Наместо тој, како овластено лице според тековната состојба во Централен регистар, заедно со Лирим Саити, Влатко Костов и Жарко Стојановски, во хотелот „Горица“ учествувале други лица.
„Како претседател на ОФС Тетово добивам материјали за секое Собрание на ФФМ, но делегатите што се легитимни не учествуваат во работата“, нагласува Абдиу кој вели дека проблемот со паралелни сојузи од минатото останува присутен и денеска.
Тој за „Независен“ објаснува дека ОФС Тетово на 25 јануари во 2017 година одржал Собрание што не е признато од Фудбалската федерација на Македонија.
„На 18 февруари лани Фудбалската федерација на Македонија одржа Собрание на кое, меѓудругото, беше реизбран Илчо Ѓорѓиоски. Во него не учествуваа легитимните делегати од ОФС Тетово туку други кои се номинирани за делегати на Собрание по речиси еден месец од неговото одржување, поточно на 13 март. Бев неосновано обвинет за напад на потпретседателот, бев казнет за непослушност и самиот се повлеков од органите и телата во ФФМ. Моментно водам постапка пред Арбитражниот суд во Македонија, а правда ќе барам и пред Судот во Лозана“, посочува првиот човек на ОФС Тетово.
Решение на Централен регистар во корист на Абдиу
За сопственоста легитимност како претседател на ОФС Тетово поседува и решение од второстепената комисија при Централниот регистар која во август лани ја прифати неговата жалба против решение од 22 март што се поништува (запис на Фисник Хисени за претседател на ОФС Тетово) и упатува на враќање на предметот во Централен регистар на повторно одлучување.
„Со жалбата се напаѓа првостепеното решение поради сторени суштествени повреди на постапката и погрешна примена на материјалното право и од Комисија за жалби се бара поништување на првостепеното решение и се бара враќање на предметот на повторно одлучување или првостепеното решение да го измени во корист на жалителот“, стои во решението на Комисијата за жалби од 3 авгист оваа година под број 302-16/1 што е конечно и против него не е дозволена жалба. Поради ова, Абдиу бара од ФФМ да ја почитува фактичката состојба во однос на делегатслата листа од ОФС Тетово.
Сашко Ѓ. Димовски