„Зум“ отпушта 1.300 работници


Компанијата за комуникациски технологиии „Зум“ (Zoom), со седиште во Сан Хозе, Калифорнија, во вторникот ги објави плановите за отпуштање на околу 1.300 работници, или 15 отсто од вработените, според блог пост на веб-страницата на компанијата. 

Извршниот директор Ерик Јуан напиша во блог пост дека додека светот продолжува да се прилагодува на животот по Ковид пандемијата, компанијата мора да се прилагоди на „неизвесностите на глобалната економија“, како и „нејзиниот ефект врз нашите клиенти“.

„Зум“ нагло доби на значење за време на пандемијата кога луѓето беа принудени да работат од дома и се свртеа кон софтверот за видео разговор за да останат во контакт со колегите, пријателите и семејството.

„Работевме неуморно за да го подобриме ‘Зум’ за нашите клиенти и корисници. Но, и ние погрешивме“, рече Јуан. „Не одвоивме онолку време колку што треба за темелно да ги анализираме нашите тимови или да процениме дали растеме одржливо, според највисоките приоритети.

Јуан рече дека кратењата ќе ги погодат сите организациски делови во „Зум“ и дека на отпуштените вработени ќе им бидат понудени до 16 недели плата и здравствено осигурување. Извршниот директор, исто така, рече дека планира да ја намали сопствената плата за претстојната фискална година за 98 проценти, а исто така се откажува од својот корпоративен бонус за 2023 година.

„Како извршен директор и основач на ‘Зум’, јас сум одговорен за овие грешки и активностите што ги преземаме денес – и сакам да покажам одговорност не само со моите зборови, туку и со моите постапки“, напиша Јуан во објавата.

Огласот за отпуштање на компанијата го означува последниот круг на укинување на работни места во технолошката индустрија. Во понеделникот „Дел“ ги објави плановите за укинување на 6.650 работни места. Во јануари „Гугл“ откри планови за укинување на повеќе од 12.000 работни места, „Мајкрософт“ за укинување на 10.000 работни места, а „Сеалсфорс“ (Salesforce) објави планови за укинување на 7.000 работни места.

Компанијата „Зум“ е формирана во 2011 година, а лани оствари приходи во износ од над 3 милијарди американски долари.