Зошто Трамп ја враќа на „сцена“ осудената Гислејн Максвел, десната рака на Епстајн?

Вашингтон — Министерството за правда на САД побарало од адвокатите на Гислејн Максвел – поранешна партнерка и долгогодишна соработничка на Џефри Епстајн – да утврдат дали таа е подготвена да разговара со федерални обвинители.
Заменик-јавниот обвинител Тод Бланш изјави дека очекува лична средба со Максвел во наредните денови.
Овој потег доаѓа во контекст на зголемениот притисок врз главната обвинителка Пам Бонди од страна на поддржувачи на претседателот Доналд Трамп, кои бараат откривање на повеќе документи поврзани со случајот против Епстајн, кој изврши самоубиство во затвор во 2019 година, додека чекаше судење за трговија со малолетни девојчиња заради сексуална експлоатација.
„Претседателот Трамп нè задолжи да ги обелодениме сите веродостојни докази“, напиша Бланш на платформата „Икс“.
Тој истакна дека, доколку Максвел има информации за сторители на кривични дела, ФБИ и Министерството за правда ќе ги разгледаат нејзините искази.
Адвокатите на Максвел потврдија дека се во контакт со владата и дека таа „секогаш дава вистинити искази“. Изразија и благодарност до претседателот Трамп за неговиот ангажман во откривањето на вистината.
Во последните недели, некои од најгласните поддржувачи на Трамп повикаа на оставка од Бонди, откако таа се повлече од претходното ветување за објавување на дополнителни материјали од истрагата, вклучително и „многу имиња“ и „многу досиеја“ поврзани со Епстајн.
По ограничената објава на документи, Министерството и ФБИ со заедничко соопштение ги отфрлија како неосновани долгогодишните теории на заговор и демантираа дека постои „инкриминирачка листа на клиенти“ или докази за уцена.
По налог на Трамп, Бонди и Бланш побараа дозвола од федерален суд за декласификација на стенограмите од постапките против Епстајн и Максвел. Таа беше осудена во 2021 година по пет обвиненија за соучество во сексуалната експлоатација на малолетнички.
Правни експерти, меѓу кои и поранешниот адвокат на Епстајн, Алан Дершовиц, сметаат дека стенограмите веројатно нема да содржат информации кои ги очекуваат поддржувачите на Трамп. Дершовиц во интервју за „Фокс њуз“ повика на објавување на ФБИ-документи од испитувањата на жртвите и предложи Максвел да добие имунитет за да сведочи пред Конгресот за злосторствата на Епстајн.