Странските инвестиции годинава се многу малку и не се „убава тема“ за која трeба да се зборува

Во периодот јануари – септември странските директни инвестиции во земјава биле скромни 209 милиони евра. Има повеќе причини зошто е тоа така


Илустрација

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве побара медиумите, а и политичарите повеќе да зборуваат за убави работи, наместо за „измислени, манипулативни теми наметнати од страна на талогот во општеството“. Притоа, тој ги спомена чистиот воздух во Скопје кој во еден момент во еден ден бил почист од оној во Виена, ги посочи и растот на БДП од 3,8 отсто, намалувањето на годишната инфлација за 0,5 проценти и други „неманипулативни теми“ (да се послужиме со неговиот вординг), но притоа, намерно или не, ги изостави странските директни инвестиции годинава во земјава.

Ако се земат податоците за годинава, тие очигледно не влегуваат во „убавите вести“, бидејќи според официјалните податоци годинава има огромен пад во споредба со рекордната 2024 година.

Странските директни инвестиции (СДИ) се типичен пример за тоа какао една убава вест може речиси преку ноќ да се претвори во „манипулативна тема“, со оглед дека од страна на опозициската СДСМ деновиве беше посочено дека годинава странските инвестиции се сведени на 200 милиони евра, за разлика од нивнот време кога изнесувале 800 милиони евра.

„Не се само што нема раст во третиот квартал годинава, има одлив од 21 милион евра, компаниите затвораат, капиталот наместо да доаѓа, си оди“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче. За СДСМ тоа е доказ за неспособноста на актуелнатга влада и за јасен сигнал за промашените економски политики на власта.

Можеби Филипче мислел на 2022 година, кога според офиџцијалните податоци, СДИ во земјава достигнаа 745 милиони евра, а една година подоцна паднаа на 577,73 милиони евра. Но, затоа 2024 година донесе рекордни 1,19 милијарди евра.

Лани темата за СДИ беше доказ за позитивните политики на новата влада. Денес, кога неколку фабрики од технолошко развојните зони најавија дека заминуваат од земјава, поради влошените услови за стопанисување на глобално ниво, пораката е дека тоа „не е крај на светот“.

Инаку, според податоците на Народната банка во периодот јануари – септември годинава странските директни инвестиции во земјава биле 209,4 милиони евра. Тоа е драматично помалку од истиот период лани кога надминаа 840 милиони евра. Најлоша е состојбата во третиот квартал, односно во јули, август и септември, кога е регистриран вкупен нето-одлив од 21,8 милиони евра, што се должи на големи одливи кај должничките инструменти (73,2 милиони евра) и повлекувањето пари по основ на реинвестирана добивка во износ од 3 милиони евра, наспроти прилив од 54,5 милиони евра кај сопственичкиот капитал во истиот период. Одливите на капитал не се карактеристични само за третиот квартал, туку за целата година, нето-одливот кај должничките инструменти изнесува 271,4 милиони евра, односно домашните фирми повеќе враќале заеми кон странство отколку што се задолжувале.

Во истиот период компаниите реинвестирале добивка во износ од 272,6 милиони евра, а имало и вложувања во сопственички капитал во износ од 208,2 милиони евра.

Каква е состојбата со привлекувањето странски директни инвестиции во земјите од Западен Балкан?

Во Србија, на пример, е слично како во Македонија. Како што пишува Блумберг адрија, странските директни инвестиции во Србија значително забавија во текот на 2025 година. Во периодот јануари-септември, приливот изнесуваше околу 2,5 милијарди евра, речиси двојно помалку отколку во текот на целата претходна година, кога надминаа 5,2 милијарди евра.

Падот е во согласност со глобалниот тренд на слабеење на инвестициските текови. Според истражувањето на Виенскиот институтот за меѓународни студии, земјите од Источна и Југоисточна Европа бележат помал прилив на капитал отколку во претходните години, а причината е глобалната политичка несигурност, која, според истражување на Универзитетот Стенфорд, е највисока во последните три децении. Затоа Србија повеќе не може да привлече странски инвестиции како во претходните години, а малку е веројатно дека наскоро ќе ја повтори рекордната 2024 година, кога СДИ достигнаа речиси седум проценти од БДП.

Во Босна и Херцеговина исто така годинава има помал прилив на странски директни инвестиции. Според пишувањето на тамошните медиуми кои се повикуваат на податоците од Централната банка на БиХ, во првата половина од годинава тие изнесуваа околу 780 милиони конвертибилни марки (КМ), што е за 111 милиони КМ помалку во однос на истиот период минатата година. Најголемиот дел од инвестициите во БиХ во 2025 година доаѓаа од Хрватска, во износ од 203 милиони КМ. По нив следат инвестициите од Германија со 174 милиони КМ и од Србија со 108 милиони КМ. Во целата 2024 година, приливот на директни странски инвестиции во БиХ изнесуваше 1,76 милијарди КМ, што е за 301 милион КМ помалку отколку во 2023 година, кога приливот изнесуваше 2,06 милијарди КМ. 

Медиумите го цитираат професорот на Економскиот факултет во Сараево, Предраг Млинаревиќ, според кого причините за намалувањето на инвестициите треба да се бараат во економската стагнација или пад на економската активност во клучните земји на Европската Унија, кои се главни инвеститори во Западен Балкан. Друга причина е зголеменото насочување на капиталот кон алтернативни дестинации надвор од Европа, кои се поконкурентни во однос на трошоците за производство.

Во Црна Гора според податоците од анализата на Собраниската канцеларија за буџет (ПБК), нето-приливот на странски директни инвестиции во 2020 година изнесувал 470 милиони, една година подоцна 581,6 милиони, за да достигне максимум од 782,6 милиони во 2022 година. Во 2023 година, СДИ паднале на 433,6 милиони, а минатата година се зголемиле на 491,2 милиони. За осум месеци од оваа година, тие изнесувале 314,4 милиони, што е за 15,5 милиони помалку од истиот период минатата година, или пад од 4,8 проценти.

„И покрај малото закрепнување во 2024 година, од 13 проценти, нето-СДИ остануваат речиси 40 проценти пониски отколку во 2022 година“, се наведува во анализата на ПБК.

Во неодамнешниот извештај на Светска банка за земјите од Западе Балкан, се вели дека трошоците за инфраструктура и растот на кредитите продолжуваат да ги поддржуваат инвестициите во регионот, и делумно ги компензираат слабите странски приватни инвестиции (СДИ) и го поттикнуваат растот во градежниот сектор. Притоа се вели дека се очекува вкупните инвестиции да придонесат само со 1,1 процентен процент кон регионалниот раст во 2025 година, што е остар пад од 3,1 проценти во 2024 година.

По порастот во 2024 година, нето приливот на СДИ во шесте земји од Западен Балкан се намали поради високата неизвесност и послабото расположение на инвеститорите низ цела Европа, особено во Германија и Италија – клучни инвеститори во производството за Западен Балкан. Се проценува дека приливот на СДИ во просек ќе изнесува 4,7 проценти од БДП во 2025 година, финансирајќи само 70 проценти од капиталот за регионот, ниво кое не е забележано од пандемијата. Послаби приливи се очекуваат во Србија (поради намалени инвестиции во рударство, телекомуникации и градежништво), Северна Македонија (поради намалување на кредитите од матичните компании до нивните подружници) и Црна Гора (поради пониски инвестиции во акции во странски компании и банки), констатира Светска банка.

Во извештајот исто така се нотира дека во Србија, нето приливот на СДИ се намали за повеќе од половина од 2.281 милиони евра во првата половина од 2024 година на 942 милиони евра во првата половина од 2025 година – со најзначајни падови во рударството, телекомуникациите и градежништвото, поради зголемена политичка неизвесност.

„Следува Северна Македонија, со пад на приливот од 732 милиони евра на 541 милиони евра, речиси целосно поради пад на кредитите од матичните компании до нивните филијали по зголемувањето во претходната година“, се вели во извештајот.

Во Црна Гора, СДИ се намалија бидејќи инвестициите во акции во компании и банки се намалија, делумно компензирано од поголемото меѓукомпаниско кредитирање и инвестиции во недвижности. Приливот на СДИ во недвижности, исто така, остана силен во Косово, продолжувајќи го историскиот тренд, и во Албанија, одразувајќи го позитивниот моментум во туристичкиот сектор.

 

На истата тема: 

 

„Аптив“ си заминува, „Џонсон Мети“ ќе крати работни места: Кризата удри по странските компании