Зошто се плаши ВМРО-ДПМНЕ од Законот за рестриктивни мерки?


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски, ги држи во фиока предложените измени за Законот за рестриктивни мерки и не закажува седница на оваа Комисија, за да бидат разгледани и изгласани во Собранието. Иако измените се во Собранието од 6 фебруари, Милошоски молчи и не одговара на прашањата зошто го кочи донесувањето на овој закон.

Откако вчера беше одново прозван, ни тој ни ВМРО-ДПМНЕ не излегуваат со став за предложените измени, замајувајќи ја јавноста со соопштение за ставањето на Катица Јанева и Стевчо Јакимовски на црната листа на САД со тврдењата дека СДСМ и ДУИ се „фабрика за криминал, корупција и производство на манипулации“ чии кадри главно се на црните листи. Вистината е дека најмногу кадри на црната листа на САД има токму од блиските до ВМРО-ДПМНЕ, а Катица Јанева беше заеднички кандидат бидејќи беше избрана како прифатлива и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, додека Стевчо Јакимовски до скоро им беше коалициски партнер.

Без оглед на сѐ, од најавата на иницијативата за проширување на рестриктивните мерки и вклучување на црните листи на САД, ЕУ и Обединетото Кралство на нив, од ВМРО-ДПМНЕ нема никаков јавен став треба ли тие да станат дел од законодавството на Македонија или не?  Зошто, ако на нив се главно кадри и сојузници на СДСМ и ДУИ против чија корупција тие наводно ќе се борат? Да беа уставни измени ќе правеа театар од обвинувања и контра аргументи, но на оваа тема не можат да глумат без последици.

Да биде уште појасно, ваквото кочење не е обид да се заштити нивниот поранешен лидер Никола Груевски и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, бидејќи законот нема ретроактивно дејство. Пораката е дека од листите сака да се заштити некој што се плаши дека во иднина може да се најде на нив и дека самото постоење на овој закон ќе ги спречи од славната појава за ставање на „рачето во медот“, како што го опиша тоа Данела Арсовска.

Очигледно намерата е да се растегне ставањето на овој закон во процедура до изборите, а по нив ВМРО-ДПМНЕ се надева дека ќе дојде на власт и ќе игнорира сѐ што доаѓа од САД и од ЕУ, бидејќи нема логика партија која тврди дека силно се залага за борба против корупцијата сега кочи закон кој може само да и помогне во тоа. 

Што е пак тоа што ги плаши ВМРО-ДПМНЕ во законот?

Иако од него се извадени забраните за вршење јавна функција и учество на тендери, ако се прочитаат внимателно стариот закон и измените со новиот, најкрупната новина е дека јасно и најдиректно се посочуваат вршители на јавни функции како субјекти на рестриктивните мерки покрај тие инволвирани во тероризам, организиран криминал  и шверц со оружје, т.е. најтешките криминалци.

Со законот исто така јасно се кажува дека отсега причина за рестриктивни мерки ќе биде и корупцијата и злоупотребата на службена положба, а тие ќе се применуваат по автоматизам ако некој јавен функционер се најде на црната листа на САД, ЕУ и Обединетото кралство. Тоа значи дека и самото појавување на некое име на овие листи ќе значи замрзнување на имотот и на парите на тој функционер во Македонија и предлог од МНР за започнување на кривична постапкасо која ќе се бара и законска одговорност.

Ако пројде ваквиот закон, тогаш и да дојде на власт на ВМРО-ДПМНЕ нема да им помогне „Сваровски судството“ бидејќи замрзнувањето на имотот и на парите автоматски ќе стапи на сила и „црната листа“ ќе биде над одлуките на нашето судство, кое усоврши илјада начини како да ги игнорира коруптивните дела или да го застари секој процес против центрите на моќ.