Зошто обвинителството се крие зад Антикорупциска во случајот „Бојан Христовски“?


Фото: Б. Грданоски

 

Изгледа нелогично Јавното обвинителство да ја чека „истрагата“ на Антикорупциската комисија околу загадочниот положен испит по англиски јазик во уште позагадочната школа за јазици „Јулија“ од Пловдив, Бугарија, на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, каде што тој, наводно, го добил сертификатот.

Од Обвинителството во изјава за Телма  рекоа дека ќе ја чекаат разрешницата во Антикорупциската комисија за случајот, откако до ДКСК стигнала анонимна претставка со наводи дека Христовски е незаконски именуван на функцијата. Тие се одлучиле да чекаат за да нема дуализам во постапката. А кога ќе завршела постапката во ДКСК ќе постапеле согласно своите законски овластувања.

Антикорупциска и обвинителството се два независни органи и тука воопшто не се поставува дилемата за дуализам. Антикорупционерите не вршат истраги, тие само ги проверуваат фактите во документите што им се доставени. Со какви алатки можат да се послужат за да проверат дали во Пловдив наведената јазична школа издавала сертификати за ТОЕФЛ? Од кого во Бугарија можат да побараат таква правна помош? Антикорупционерите дури не можат, според законот, да поднесат кривична пријава. Тие можат само да иницираат постапка.

Речиси ништо од тоа не им стои на располагање, а сето тоа го има обвинителството, кое може да постапи според допрен глас. А засега тоа не сака да го направи. Премиерот и други претставници на владата речиси секогаш кога објавуваат некаков скандал поврзан со претходната власт бараат од обвинителството да постапи по допрен глас. Но овој пат молчат за јазичниот сертификат на Бојан Христовски. Овој случај ја компромитира и онака ниската доверба на обвинителството. Поведувањето истрага е најмалата работа што може да ја направи.

Ситуацијата е прилично непријатна и за владата и за самиот Бојан Христовски. Ако тој навистина доставил лажен сертификат за познавање на јазикот тоа го дисквалификува до крајни граници, затоа што како може да биде поставен човек на врвна функција во критичната за безбедноста агенција. За Владата, пак, тоа е проблем затоа што не ги проверува, или не сака да ги провери документите на кандидатот, освен што знае дека долги години бил од структурите на ВМРО-ДПМНЕ. Значи е доверлив како кадар, а веројатно и професионалец. (Н.В.)