Зошто Германците купуваат злато повеќе и од Кинезите


Цената на овој благороден метал надмина 2.000 долари за терминските договори

 

Цената на златото ја надмина вредноста од 2.000 долари за време на викендот, но засега само зза терминските договори.

Инаку, златото лесно го надмина рекордот од септември 2011 година, кога неговата вредност беше 1.917 американски долари за унца од 31,1 грама. Цената на златото неделава заврши на 1.976 американски долари, што е за 4 проценти повеќе од претходната недела, пренессеува Банкар.ме.

Постои голема побарувачка за физичко злато, особено во Германија каде што отсекогаш постоел голем страв од инфлација. Според Светскиот совет за злато, Германците во првата половина од оваа година купиле 83,5 тони злато. Со ова тие ги претекнаа дури и Кинезите. Веќе во првиот квартал побарувачката двојно се зголеми, а ваквите трендови продолжија и во вториот квартал. Инвестициите во злато привлекоа многу нови купувачи кои сакаат да заштитат барем дел од нивните средства од инфлацијата што ја очекуваат заради големото печатење на пари од централната банка.

Инвестициската банка Голдман Сакс објави дека сегашната финансиска политика на американските власти ја поткопува довербата во доларот и ги принудува инвеститорите да купуваат злато што е можно поактивно. Банката предвидува дека цената на златото ќе се искачи на 2.300 американски долари за унца оваа година.