Зошто Финска и Шведска треба да станат членки на НАТО, а Македонија да не стави вето?


Обновениот руски напад врз Украина ги принуди европските земји надвор од НАТО да размислуваат за сопствената безбедност. Иако финските и шведските воени сили соработуваат  со НАТО веќе неколку години, тие не можат да сметаат на Член 5 за заедничка одбрана, а алијансата не може да смета на нивната достапност во услови на криза. Тие сега можат да аплицираат за членство, да бидат интегрирани во плановите на НАТО за одбрана на балтичкиот регион и можат да имаат корист од подготвеноста за одвраќање на напади од страна на алијансата.

За НАТО, гарантираниот пристап до финската и шведската територија во услови на криза ќе ја намали загриженоста за заштитата на балтичките држави и ќе ги намали шансите за успешен руски напад. Единствената страна што ќе загуби ќе биде Путин: позицијата на Русија во североисточна Европа значително ќе биде ослабена. Само по себе, тоа е добра работа за европската безбедност.

Финското и шведското барање за членство во НАТО ќе биде геополитичка промена на играта. Тоа ќе ги зајакне можта за одвраќање и за одбрана на НАТО со додавање на демократски, богати и релативно силни воени земји во стратешки витален регион за алијансата. Во моментов нордискиот регион се карактеризира со „стратешки јаз“. Со Финска и Шведска во НАТО, сите пет нордиски земји ќе бидат обединети во способна одбранбена заедница која обезбедува меѓусебни одбранбени гаранции, како и стратешка длабочина што ќе ја подобри безбедноста и способноста за колективна одбрана, не само на малите балтички држави.

Така, на пример, колективната воздушна сила на нордиските држави за неколку години ќе се состои од 150 борбени авиони Ф-35 и 39 шведски борбени авиони ЈАС 39 Грипен. Ако ги додадеме Велика Британија, Германија и Холандија, Северна Европа ќе има скоро 250-300 F-35 плус шведски JAС 39. Ова ќе создаде силен режим на одвраќање во северното крило на НАТО. Исто така, ќе ја подобри способноста на НАТО да ја заштити трансатлантската поморска врска  од руската анти-пристапна стратегија. Ова е клучно за да се осигура дека засилувањето на САД може да стигне до Европа во случај на голема криза.

Двете членства веројатно ќе ја зголемат тензијата во Кремљ на краток рок, но и двете држави, како што направи Норвешка, можат да обезбедат различни мерки на доверба поврзани со странските бази и нуклеарното оружје во мирно време. Всушност, и Финска и Шведска се веќе длабоко интегрирани во НАТО. Тие се веќе квази-членки и потребни се само мали прилагодувања и продлабочување на веќе сеопфатната регионална одбранбена соработка што е  институционализирана во Нордиската одбранбена соработка и другите подрегионални тела.

Промената на јавното мислење во двете земји секако ја одразува итноста на овој развој бидејќи инвазијата го смени постоечкиот дискурс во корист на членството во НАТО и ги мобилизира граѓаните во двете земји.Членство во НАТО ќе обезбеди гаранции за безбедноста на двете земји, но исто така може да се покаже од корист за безбедносната архитектура на Европа. Тоа не само што може да го зајакне европскиот столб во НАТО, туку и да ги зголеми капацитетите на алијансата, обезбедувајќи и ресурси и стратешки пристап до северниот регион на Европа.

Сепак, дали членството на Финска и Шведска во НАТО ќе биде корисно за европската безбедност зависи од подготвеноста на Европа да ја искористи оваа поголема политичка тежина за да обезбеди пообединет глас и да продолжи ефикасно здружено дејствување против заедничките закани. Сè додека Европа и нејзините сојузници дејствуваат во единство, Русија нема да може да ги искористи поделбите на Западот и дополнително да ја ескалира кризата.

И покрај нивните долгогодишни национални традиции на неутралност, Шведска и Финска се две членки на ЕУ чија воена, индустриска и финансиска тежина е сè – само не занемарувачка. Финска и Шведска се веќе интегрирани во одбранбените планови на нивните соседи, било да е тоа преку НАТО, Нордиската одбранбена соработка или ЕУ и од оваа перспектива веќе, нивното членство во НАТО би било очигледен избор. 

Финска досега не сакаше да се приклучи на алијансата бидејќи тоа ќе го налути нејзиниот голем сосед. Да се ​​има Русија за сосед е ризично. Но, стравот е погрешна основа за стратешкото позиционирање на една земја. Со влезот во НАТО, Финска би покажала дека Русија може да постигне само толку преку заплашување. Стравот на неговите жртви го поттикнува насилникот.

Шведска,пак, има долга традиција на неутралност. Но, неутралноста евоулира, како што покажува актуелната дебата во Швајцарија. Сè потешко е да се користи неутралноста како лист од смоква и во денешно време таа може да мириса на соучесништво. Приклучувањето на Шведска во НАТО додека се држи до својата принципиелна надворешна политика ќе испрати моќна порака за Европа. Продлабочената безбедност оди рака под рака со слободата, човековите права, демократијата и владеењето на правото, а тие најдобро се промовираат од  групата земји истомисленици кои меѓусебно се почитуваат и помагаат.

Шведска и Финска, без сомнение, би биле предност за НАТО.Нивната кандидатура за членство  е јасен резултат на руската агресивна војна против Украина и начинот на кој таа беше подготвена. Двете земји долго време инсистираат на слободата да изберат сојуз доколку е потребно и на нивниот целосен суверенитет во прашањата за одбраната. „Предлогот“ на Русија за нов безбедносен аранжман од 17 декември кој предвидува де факто враќање на процесот на проширување на НАТО и присилна неутрализација на овие земји – беше токму спротивното од тоа.

Двете земји веќе командуваат способни вооружени сили. Конкретно, финските концепти за целосна одбрана беа пример за други земји на НАТО, а неодамна и за Украина, како да се организираат територијалните одбранбени сили и цивилно-воената соработка во отпорот на агресорот.Начинот на кој Украина се бори против Русија е исто така потврда на финската или скандинавската воена мисла. Разместувањето на нивните авиони, беспилотни летала и средства за длабоки удари на НАТО во маскирани бази во задниот дел ќе ги заштити од руското разузнавање и ќе им овозможи операции над Балтикот. Едвај дека има подобри места за нивно сокривање од скандинавските шуми.

Двете држави имаат напредни одбранбени способности кои се веќе високо интероперабилни со силите на НАТО – дури и повеќе од некои од поранешните држави од Варшавскиот пакт кои моментално се членки на алијансата. Оперативната интеграција и на финската и на шведската војска во структурите на НАТО ќе бара малку работа за да се решат преостанатите оперативни разлики со потенцијалните сојузници, што значи дека ефективен придонес на двете земји во операциите на НАТО ќе биде можен наскоро по пристапувањето. Двете земји се и  комплементарни во однос на воените ресурси: Шведска води кога станува збор за воздушната одбрана и поморската безбедност, а Финска – земја со задолжителна воена служба – кога станува збор за копнената одбрана. 

Наместо да паѓаат на рускиот страв, Европејците треба да ја прифатат кандидатурата на Финска и Шведска за НАТО бидејќи тоа им служи и на нивните безбедносни интереси. Директно,на краток и на долг рок. Членството на Финска и на Шведска би испратило јасна порака и до Русија дека е казнета за војната против Украина и се соочува со последиците што сакаше да ги избегне.

Јавното мислење во двете нордиски земји брзо се сврте во корист на приклучувањето кон алијансата. Јавната перцепција се смени и во Словачка, бидејќи две третини сега го гледаат Путин како закана не само за Украина, туку и за другите земји. Затпа, словачкиот министер за надворешни работи изрази поддршка за приклучувањето на Финска и Шведска во алијансата. Сепак, постои неизвесност околу позицијата што доаѓа од новоизбраниот унгарски премиер Виктор Орбан и ставот што би можел да го заземе тој.

 До кој степен нивното потенцијално членство ќе ја промени рамнотежата внатре во НАТО, останува да се види. Северното крило би добило многу поголема политичка тежина, како и столбот на ЕУ во НАТО генерално. Што е исто така важно, нивното членство ги зајакнува идеалите кои се и основата и клучните цели на европската безбедност, вклучително со правото на самоопределување на сите демократски општества, не само на големите сили. Тоа е застанување против насилникот и отпор кон стратегијата на Путин за контрола, која се потпира на поттикнување неосновани стравови за да ги одврати земјите од преземањето на правилниот курс и правилното предизвикување на Русија. 

Проблемот со кој се соочува сега Европа е двоен. Прво, руската закана ги надмина сите очекувања. Малкумина очекуваа целосна инвазија на суверена земја. Второ, европскиот безбедносен поредок, каков што го знаевме по Студената војна, не само што е оштетен, туку и исчезна. Кога довербата беше скршена откако Русија го анектираше Крим во 2014 година, тој сè уште се сметаше за поправлив, но не повеќе. Неформалните безбедносни аранжмани се  недоволни кога нивото на закана е високо, а воспоставениот поредок е разрушен.Шведска и Финска се членки на ЕУ, цврсти демократии со силна одбрана. Ако НАТО ги има како сојузници, ќе го зацврсти Западот и ќе ја зајакнеме трансатлантската врска.

Оваа анализа на експерти за „Transatlantic Relations“ е одговор на смешните спинови во Македонија (мотивирани од изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ) дека нашата држава би требало да стави вето на приемот на овие две земји, односно да се однесува во НАТО како Бугарија со нас во ЕУ, за да го крене гласот против неправдата што толку години чекаше членство во алијансата, а сега поминува низ ново малтретирање во ЕУ.

Пораката е, ако можат да не влечат нас со децении, зошто овие две земји да влезат во НАТО преку ноќ, во смисла дека така ќе го свртиме вниманието кон нас и конечно ќе покажеме моќ. Шефот на дипломатијата Бујар Османи во интервју за ТВ 21 вчера порача дека Македонија е  мала држава, но досега покажала зрелост во надворешно-политичкото позиционирање и дека одлуките не ги заснова на емоции и на популизам.  Тој нагласи дека, напротив, Македонија е една од првите земји која испратиле нон пејпери во двете земји во кои ги објасниле чекорите за ратификација на нивната евентуална апликација за членство, порачувајќи категорично  дека, ако се случи тоа барање – апсолутно ќе ја имаат нашата поддршка.

Она што фали во нашата реакција е какви последици би имало ваквото однесување на Македонија во однос на докажани пријателски земји (и двете беа дел од силите на УНПРЕДЕП кои ни гарантираа независност кога бевме најранливи) и може ли да се спореди нашата воена, и економска подготвеност за НАТО, па и за ЕУ, со таа на Шведска и Финска – за да очекуваме дека и тие треба да чекаат во редот со години. (Н.В.)