Зошто Абу Даби и кој е новиот државен секретар за култура?
Од денешното соопштение на Министерството за култура и туризам јавноста дозна дека Македонија е почесен гостин и партнер на 35.Меѓународен саем на книгата во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати и дека имаме нов државен секретар за култура и туризам, Беса Ода Муртеза која ја предводеше делегацијата на Министерството во Персискиот залив. На фотографиите од Абу Даби, многу претставници на Министерството, државни функционери и службени лица. Но, нема информации за македонските писатели, поети, издавачи и нивната конкретна презентација.
Еве, дел од соопштението на Министерството за култура:
„Во рамки на програмата „Балканска култура – почесен гостин“, Северна Македонија на посетителите им претставува дел од своето богато и повеќеслојно културно наследство, како и современата книжевна продукција. На националниот штанд се изложени оригинални ракописи од збирката „Ориенталистика“ на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, меѓу кои ракописи постари од 600 години, артефакти од националното културно богатство од Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, како и изданија од современата македонска литература и преводи од арапски на македонски јазик.
Програмата на саемот опфаќа книжевни и културни разговори, панел-дискусии, уметнички настапи и презентации на традиционалната култура, со цел на посетителите од арапскиот и меѓународниот свет да им се доближат литературата, јазичната и културната разновидност и уметничкото наследство на Балканот.

„Ваквите меѓународни саеми се многу повеќе од места на кои се претставуваат книги. Тие се простор каде што културите се среќаваат, воспоставуваат дијалог и создаваат нови можности за соработка. Нашето учество како почесен гостин и партнер во Абу Даби е значајна можност македонската литература, културното наследство и современото творештво да ги претставиме пред нова меѓународна публика, но и да отвориме нови врати за нашите автори, издавачи и културни институции“, истакна државниот секретар за култура и туризам Беса Ода Муртеза.

…Организаторот на Меѓународниот саем на книгата во Абу Даби донесе и значајна одлука со која изработениот национален штанд ѝ го подари на Република Северна Македонија. Штандот во иднина ќе биде во сопственост на Министерството за култура и туризам и ќе може да се користи при претставувањето на македонската култура и книжевност на меѓународни саеми и други културни настани во странство….

Комисијата за култура на СДСМ преку соопштение прашува: кога е донесена одлуката, кој го креирал концептот, кои македонски автори и издавачи се избрани да ја претставуваат македонската книжевност и колку чини целата операција?
„ Саемот на книгата не треба да биде туристичка дестинација за администрацијата.
Ако државата оди на голем меѓународен саем на книгата, таму пред сè треба да ги испрати своите писатели, издавачи и книжевноста. Не службениците да ја претставуваат културата, туку културата да ја претставуваат луѓето што ја создаваат.
Второ, прашуваме за приоритетите и стратегијата.
Според кој стратешки документ е утврдено дека токму Абу Даби е приоритет за меѓународна промоција на македонската книжевност?
Зошто Абу Даби, а не Лондон, Париз, Болоња, Франкфурт или другите клучни светски центри на книжевниот и издавачкиот пазар?
Каде е стратегијата за меѓународна промоција на македонската литература?
Колку средства се издвоени? Кој го избра концептот? Кој ги избра авторите? Кои договори се склучени? И какви конкретни резултати очекува Министерството?
Културната политика не може да се води по принципот „ќе објавиме на Фејсбук кога веќе сме таму“.
И конечно, има и едно сериозно политичко прашање.
Зошто ДПМНЕ му го предаде Министерството за култура и туризам целосно на ВЛЕН?
Денес јавноста гледа министер и државен секретар од политичкиот партнер ВЛЕН. А на официјалната веб-страница на Министерството јавноста мора да бара информации за тоа кој воопшто ја врши функцијата заменик-министер.
Има ли назначен заменик-министер за култура? Кој е? Кои се неговите надлежности?
Ова не е прашање на етничка припадност. Ова е прашање на одговорност, институционална рамнотежа и политичко управување со македонската култура.
Министерството за култура не е партиски плен и не смее да биде институција во која јавноста последна дознава што се случува.
Бараме транспарентност.
Да се објават концептот за учеството во Абу Даби, списокот на автори и издавачи, составот на делегацијата, сите трошоци и договори, критериумите според кои е избран саемот и очекуваните резултати од учеството.
Зашто културата не се претставува со протоколарни фотографии,
културата се претставува со автори, дела, знаење и резултати,а јавните пари со транспарентност“, се вели во реакцијата на Комисијата за култура на СДСМ. (Л.С.)