ЗНАМ во четврток ќе избира лидер и претседателски кандидат


Движењето ЗНАМ во четврток ќе има конгрес во Скопје на кој ќе го официјализира својот лидер и ќе избере претседателски кандидат за изборите во април и мај. Досега Максим Димитриевски ја држеше функцијата в.д. претседател на движењето, кое засега има и привремени раководни тела. 

Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, не сакаше да најави кои се можните претседателски кандидати  бидејќи за тоа треба да решат делегатите на конгресот во четврток. Тој само порача дека партиски став е на изборите да учествуваат сами, а дали и со кого ќе коалицираат, конечна одлука ќе донесат по изборите. Истиот одговор тој го даде и на прашањето дали и со која албанска коалиција или партија ќе соработуваат пред или потоа. 

Запрашан која ќе биде политичката и идеолошката основа со која ќе настапуваат, односно како се позиционираат на политичката сцена во државата, Мемов рече дека ЗНАМ ќе биде движење на политичкиот центар, чии темелни вредности ќе бидат Крушевскиот манифест и одлуките од АСНОМ – или кажано фигуративно и партизани, и комити.