ЗНАМ во алтернативна реалност: Македонија оди напред кон ЕУ
Од ЗНАМ дословно ги повторуваат зборовите на премиерот. СДСМ реагираше дека ЗНАМ ја брани изолацијата на Македонија
Помалиот владин партнер ЗНАМ денеска соопштува дека посетата на прфетседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, покажала дека Македонија се движи напред кон ЕУ и дека тоа било препознаено од европските институции. Само што Кошта изјави дека за да се оди напред прво треба да се направат уставните измени.
„Македонија денес е препознаена како една од најуспешните земји во регионот во спроведувањето на реформските процеси. Особено значајно е што токму ресорите предводени од кадри на ЗНАМ се меѓу клучните носители на реформскиот напредок, институционалната модернизација и ефикасното спроведување на владините политики“, велат од партијата.
Но во исто време од ЗНАМ нагласуваат дека националното достоинство, идентитетот и државните интереси не смеат да бидат предмет на условувања.
„Токму затоа заштитата на националното достоинство останува нашата црвена линија“, велат од партијата. И ги повторуваат ставовите на премиерот и претседателката дека европската интеграција треба да се темели на исполнување на критериумите, реформите и заслугите, а не на билатерални барања кои ги надминуваат европските принципи и стандарди.
„Ќе продолжиме да спроведуваме реформи, да испорачуваме резултати и да ја градиме европската иднина на државата, но едновремено ќе останеме цврсти во одбраната на националното достоинство, кое за нас претставува непремостлива црвена линија“, се вели во соопштението.
На ова реагираше СДСМ, велејќи дека „ЗНАМ повторно ја брани изолацијата на Македонија, Мицкоски и неговата криминална група“
„ЗНАМ денеска излезе со соопштение во кое вели дека ЕУ интеграцијата мора да се темели на реформи, а не на ‘нови условувања’. Ова е класична манипулација. Нема нови условувања.
ЗНАМ, партијата создадена и финансирана од Мицкоски за да ја разбие опозицијата, наместо да им кажат на граѓаните дека без уставни измени нема напредок, тие повторно играат на картата на лаги – ‘национално достоинство’ и ‘уцени’. Целта е јасна: да се спречи Македонија да влезе во ЕУ, за да може криминалната група на Мицкоски и Максим Димитриевски да продолжат да работат без контрола и без одговорност“, велат од СДСМ.