ЗНАМ верува дека Максим Димитриевски ќе влезе во вториот круг за претседател


Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска информира дека органите на Движењето ЗНАМ, Извршниот одбор, а потоа и Централниот одбор со акламација ги утврдија кандидатските листи за пратеници во сите шест изборни единици“, рече портпаролот Никола Мемов на денешната прес конференција.

„За разлика од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, каде што во голема мера ги номинираа досегашните пратеници во Собранието на Република Македонија и не понудија ништо ново во кадровска смисла, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на листите за пратеници номинираше луѓе кои се нови во политиката, стручни во областите во кои што работат, авторитетни и препознатливи во своите средини, чесни луѓе со карактер и вистински вредности, но и луѓе кои веќе имаат политичко искуство, со чист образ“, додаде Мемов.

Изборната единица еден ќе ја предводи Бобан Карапејовски, професор на катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Носител на листа во изборна единица два ќе биде Дамјан Стојчевски, директор на јавното претпријатие чистота и зеленило во Куманово. Изборната единица три ќе ја предводи Павле Арсовски, генерал мајор во пензија. За носител во изборна единица четири партијата го номинира Миле Цеков, претседател на Стопанска комора на југоисточна Македонија, додека пак, изборна единица пет ќе ја предводи Весна Бендевска, дипломиран психолог, како и поранешна пратеничка во Собранието на Република Македонија, и носител на изборната единица шест ќе биде Небојша Захариевски, магистер по правни науки.

Во ЗНАМ веруваат дека граѓаните на Македонија ќе ја препознаат разликата во квалитетот на кандидатите за пратеници и довербата ќе ја дадат за Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Новинарите побараа коментар за рејтингот на  Димитриевски, кој според последната објавена анкета, е повисок од рејтингот на сегашниот претседател на државата, Стево Пендаровски, за што портпаролот на Движењето ЗНАМ, Никола Мемов рече:

„Како резултат на конзистентните политики на Движењето ЗНАМ и нашите политички ставови, трендот во јавноста е зголемување на довербата на граѓаните кон нашиот претседател, господинот Максим Димитриевски и движењето ЗНАМ-За наша Македонија. Како и досега во неколку наврати напоменавме дека конечната анкета ќе ја испорачаат граѓаните на денот на изборите“.

Запрашан дали ЗНАМ очекува неговиот кандидат за претседател, Максим Димитреивски да влезе во вториот изборен круг од претседателските избори, Мемов рече: „Одговорот на вашето прашање е апсолутно да, очекуваме Димитриевски да влезе во вториот круг“.