ЗНАМ околу преговорите за новата влада: Сите опции се отворени, дури и да нема договор!
Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, изјави денес дека сè уште нема конечен договор за ниту едно прашање поврзано со реконструкцијата на владата и дека разврска се очекува кон средината на следната недела. Според Мемов, ЗНАМ направила анализа на работењето на своите функционери, вклучително и на двајцата министри и генералната оценка е дека биле во рамките на спроведување на владината програма.
Запрашан што бара ЗНАМ за возврат доколку го напушти ресорот правда и дали станува збор за
Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии или Министерството за
одбрана, Мемов одговори дека ЗНАМ не бараше да влезе во Владата, туку беше поканет од
ВМРО-ДПМНЕ.
„Пред две години Движењето ЗНАМ беше покането од страна на ВМРО-ДПМНЕ да учествува во владата со свои кадри, имајќи ги предвид изборните резултати, но и кадровскиот потенцијал и искуство што може да го даде ЗНАМ во владата. Оттаму, ние не сме тие кои што бараа да влезат во владата. Ние бевме поканети да влеземе во владата“, рече тој.
Во врска со тоа дали се анализира работата на секој министер поединечно и дали тоа може да
биде причина за промени, Мемов рече дека се прави анализа и евалуација на работата на сите
министри, а не само на министрите од ЗНАМ.
„Ова не е испитување и оценка на министрите на ЗНАМ од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Значи, се
прави анализа на работата на сите министри во владата и генерално работата на владата и
спроведувањето на владината програма. ЗНАМ во владата влезе не заради задоволување на
лични амбиции и задоволување на кадровски решенија. Ние влеговме во владата
поради остварувањето на програмските определби, цели и принципи на ЗНАМ кои што се
составен дел на владината програма. Оценуваме дека во овој двегодишен мандат владината
програма се спроведува со интензитет и на начин кој што сме го димензионирале на самиот
почеток при влезот во владата“, изјави Мемов.
На прашањето дали постои можност ЗНАМ да нема конечен договор со ВМРО-ДПМНЕ Мемов одговори дека „сите опции се отворени“.