ЗНАМ најмногу ќе настрада од реконструкцијата, Правда оди кај Вреди?
Владините партнери на синоќешната средба за реконструкција на Владата начелно договориле Министерството за здравство да оди кај ВМРО-ДПМНЕ, а Вреди најверојатно ќе го добива ресорот правда. ВМРО-ДПМНЕ го зема и ресорот евроинтеграции, а Вреди треба да се задоволи со ресорот спорт. Двете партии ќе ги разменат и министерствата за социјална политика и за култура. Смена ќе има и во Министерството за односи меѓу заедниците со кое сега раководи вицепремиерот Иван Стоилковиќ.
Практично Вреди ги задржува ресорите економија и животна средина кои не биле ставени на маса во преговорите за ротации, а нивното инсистирање да го добијат реасорот образование наишло на тврд зид. Вицепремиерското место за добро владеење исто така оди кај ВМРО-ДПМНЕ, а смена ќе има во Министерството без ресор предводено од Шабан Салиу.
Ако за ова владините партнери ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ си подадат рака — освен Фатмир Лимани, Игор Филков, Арбен Фетаи, од Владата ќе заминат и Борко Ристовски, Зоран Љутков, најверојатно и Азир Алиу, но и Цветан Трипуновски.
Според информациите, актуелниот вицепремиер за евроинтеграции Беким Сали се очекува да ротира, но неизвесно е што ќе се случи со Иван Стоилковиќ – дали и тој ќе добие нова понуда или ќе си замине од владата. Од Вреди исто така сметаат дека Министерството за правда веќе е договорено да оди кај нив и веќе имаат експерт кој ќе му го понудат на премиерот како кадровско решение за тој ресор.
Вечерва треба да има втор состанок помеѓу тимовите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ и според информациите, на Максим Димитриевски ќе му биде понуден ресорот Земјоделство во замена за ресорот Правда.