ЗНАМ ги отвора вратите за сите разочарани членови на СДСМ


Фото: Б. Грданоски

Движење ЗНАМ – ЗА наша Македонија денеска одржа прес конференција на која портпаролот Никола Мемов нагласи дека за македонската јавност е од исклучителна важност кој ќе раководи со владата, но исто така битно е да има и силен коректор на полтиките на владата односно силна опозиција.

Мемов рече дека членовите на СДСМ избрале старо-нов претседател на своите внатрепартиски избори поради тоа што директорот на Фондацијата Заев и негов близок бизнис партнер е продолжена рака на кланот Заеви и всушност претседател на СДСМ е повторно Зоран Заев.

„Од вкупно 80.000 членови на СДСМ за гласање се регистрирале околу 23.000, а на гласање излегле околу 12.000 членови. Со 9000 гласови за претседател е избран Венко Филипче. Само за потсетување, претходниот устоличен претседател, Ковачевски беше избран со околу 40.000 гласови. Самата постапка на регистрација, каде системот за евиденција ненадејно крахира на неколку саати и одзивот на внатрепартиските избори на СДСМ говори за тоа во каква состојба се наоѓа СДСМ. Тоа е состојба на очај, раздор, подметнување, хипокризија, лицемерие и безидејност“, рече Мемов.

Мемов рече дека Движењето ЗНАМ за наша Македонија му го честита изборот на Филипче, иако исходот на внатрепартиските избори во СДСМ го оценуваат како недемократски и нелегитимен.

„Можеме да констатираме дека СДСМ ниту оддалеку не ја прими пораката од народот на последните избори и продолжува да биде партија која е узурпирана од една коруптивна група на луѓе кои ја држат во заложништво исклучиво заради сопствената заштита од индициите за сторениот криминал во 7 годишното владеење“, рече тој.

Мемов порача дека во СДСМ членуваат многу чесни и способни луѓе, членови кои ја сакаат Македонија.

„Но, СДСМ е партија која повеќе не припаѓа на членството и максимата или си СДСМ или не си веќе нема никакво значение. Во последните 11 години раководството на СДСМ се откажа од АСНОМ-те принципи и Крушевските постулати како темелина македонската држава и македонскиот народ. Заради неспособното и криминално владеење на раководството, СДСМ го доживеа најголемиот пораз од своето постоење, а денеска сме сведоци дека продолжува со истиот пристап и истите луѓе кои ги водат кон нов изборен дебакл на следните локални избори. На Македонија и е потребна здрава, способна и чесна опозиција која ќе биде коректор на власта. Вратите на Движењето ЗНАМ се отворени за сите чесни луѓе кои ја сакаат Македонија и сакаат да дадат свој придонес за успешен развој на државата“, рече Мемов.