ЗНАМ: Да не беа Глигоров и Црвенковски денес ќе бевме Јужна бановина!
Спомнувањето на имињата на претседателите Киро Глигоров и Бранко Црвенковски во негативен контекст на македонската историја е во најмала рака непримерно. Тие се политичари што воспоставија политички вредносни критериуми во Македонија и без нивната улога, Македонија денеска ќе беше Јужна бановина во склоп на некоја друга држава. Вака политичката партија ЗНАМ реагира на соопштението на политичката партија Левица, која го нарече новоизбраниот директор на прилепскиот затвор, Емил Јанески, аболиран бранковист.
Од ЗНАМ велат дека е точно оти Глигоров и Црвенковски беа дел од некогашната државотворна СДСМ, која денеска е заробена партија и претворена во семејна партија на Зоран Заев.
„За разлика од државотворните политичари, кон кои ЗНАМ има исклучителна почит, новопечените политичари од Левицата на народот не му нудат ништо, освен сувопарни идеолошки фрази цитирани од старите учебници по марксизам. Ако мислат дека тоа е идеологија, длабоко се излажале“, велат од ЗНАМ.
Додаваат дека предложените кадри од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за носители на јавни функции се чесни и стручни луѓе кои ги исполнуваат сите законски норми и критериуми за извршување на функциите за кои се номинирани или избрани, вклучувајќи го и Јанески како директор на прилепскиот затвор.
„Господинот Јанески ја извршуваше функцијата директор на ЈКП ‘Водовод и канализација’ – Прилеп во периодот 2017 – 2021 со исклучително добри резултати за што говорат позитивните извештаи од ревизијата на финансиското работење на претпријатието. Ги повикуваме господата од Левицата, ако имаат индиции дека новоименуваниот директор на КПД – Прилеп не ги исполнува условите за оваа функција, да поведат постапка пред надлежните институции во државата, во спротивно јавноста ќе смета дека се работи за евтина дискредитација на личноста“, велат од ЗНАМ.
Се додава дека ако Левицата продолжи со непристојниот вокабулар, нарекувајќи ги членовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија криминалци, ќе следуваат соодветни постапки за клевета пред надлежните судови во Македонија.
„Наша препорака до Левицата е да си го преиспитаат политичкото дејствување, од една страна ја критикуваат владината коалиција, што е во ред, но од друга, продолжува нивната соработка на локално ниво со истата коалиција и нивното учество во управните одбори на сите локални јавни претпријатија и да ги уживаат бенефициите од локалната власт“, се додава.