„Златна потковица“ на „Астерфест“ за „Кружно патување на монахот“


Македонскиот краток анимиран филм „Кружно патување на монахот“ на авторот Жарко Иванов ја освои „Златната потковица“ на 14 издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ што се одржува во Струмица. Одлуката ја донесе официјалното стручно фестивалско жири составено од Данчо Чеврески, Гинка Андреева, Андреј Кошак и Ед Годсел.

-На фестивалот имаше сериозни филмови и искрено не ја очекував главната награда. Досега филмот има освоено повеќе фестивалски награди во странство и ми е драго што добива и кај нас едно вакво високо признание, рече авторот Жарко Иванов.

Додаде дека во третото учество на фестивалот ја добил главната награда и според него „Астерфест“ функционира одлично.

Сребрена потковица ја доби британскиот краток документарен филм „Последната бура“ на авторот Лајам Сент-Пјер, а бронзената на австрискиот краток игран филм „Доверба“ на авторката Јулијана Нојхубер

Специјалната награда „Старозлатен проектор“ му е доделена на рускиот краток игран филм „Егзодус 20“ на авторката Јана Недзветскаја, наградата „Ацо Алексов“ за најдобар автор за иранскиот краток анимиран филм „Човек-миленик“ на авторот Марзиех Абрарпајдар, а наградата „Ѓорги Абаџиев“ за најдобро сценарио за кинеско-американскиот краток анимиран филм „Еден мал чекор“ на авторите Боби Понтилас и Ендру Чесворт

Специјално признание од жирито му е доделено на македонскиот краток документарен филм „Водата“ на авторите Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, а исто признание доби и белгискиот краток игран филм „Маркет Плејс“ на авторката Аник Кристијаенс.

Во чест на наградените беше прикажан документарниот филм „Четирипати“ на Микеланџело Фрамартини.

Фестивалот завршува вечер со проекција на македонскиот филм„Хај фај“ во режија на Владимир Блажевски во која настапува и лауреатот на годинашниов „Астерфест“, Данчо Чевревски и „Љубовта е се“ на Ким Лонгиното, која е добитничка на наградата „АСТЕР“ за исклучителни достигнувања во документарниот филм.

„Астерфест“ се одржува под мотото „Кратки резови“ и е поддржан од Општина Струмица и Агенцијата за филм.