Златна арена за најдобра режија во Пула за Теона Стругар Митевска


Режисерката на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ Теона Стругар Митевска ја доби наградата Златна арена за најдобра режија на 66.Филмски фестивал во Пула, Хрватска. Како што е наведено во соопштението, одлуката за доделување на оваа награда на Теона била донесена едногласно.

-Прецизната препознатлива режисерска работа успеа целосно да го вовлече гледачот во случувањата, карактерите, настаните и општествените околности во филмот – се наведува во соопштението.

„Петрунија“ за половина година веќе ја заобиколи планетата и веќе се здоби со шест награди, а филмот ќе биде дистрибуиран во над триесет и пет земји низ целиот свет.
Во моментов се уште се прикажува во киносалите низ Франција и Швајцарија веќе дванаесета недела, а прикажан e и на триесетина фестивали.

Во неодамнешно интервју за МИА Теона потврди дека елитата во Скопје не го прифатила филмот , за разлика од помалите градови низ цела Македонија каде  фантастично поминал.

-Вон Скопје. Добивав писма од луѓе, млади жени, мажи кои толку паметно го анализираат филмот, тоа е прекрасно, не можам да кажам дека општеството не е подготвено, имаме многу интелигентна и отворена популација, која ние самите ја отепуваме. А што се однесува до филмот, сценариото на филмот го поднесовме анонимно и кога дознаа чие е, пробале да направат сѐ за да не ми дадат пари. Ова ми го раскажувале луѓе. Не знаете колку притисоци имаше, откако добивме пари, тогаш сѐ уште имаше притисоци врз тогашниот директор на Филмски фонд, Тозија. Тозија нѐ спаси и францускиот амбасадор, Тимоние. Тие ни беа двата ангели. Амбасадорот подигна цел бунт. Кога денот немаше име излезе додека го правев Петрунија. Тогаш бевме многу нападнати и амбасадорот на Франција отиде да го гледа филмот. Францускиот амбасадор и ЕУ амбасадорот, Жбогар, тогаш побараа состанок со министерот Алаѓозовски. Ја информирале директорката на Еуроимаж, па состаноци со министерот, со владата, и така. Имаше и повици филмот да биде ставен на црна листа. Пази, црна листа! Тозија знам дека имал страшни притисоци, но рекол извинете ова е добро сценарио, тој тотално професионално постапи, изјави во интервјуто Теона.