Жетвата на пченицата е при крај, а сѐ уште нема одредено цена

Земјоделците бараат цена за пченицата и исплата на субвенциите, а не увоз на српско жито


 

БИТОЛА – Жетвата на јачменот и пченицата во тек, а некаде и завршена, а земјоделците немаат цена за житото, ниту откуп. Од друга страна денес земјоделци споделија видео на кое како што велат се гледа дека преку граничниот премин Табановце се увезува пченица за Македонија.

Земјоделецот Борче Бучински од здружението „Пелагонско поле“ споделувајќи го видеото вели: „Додека нашите маки мачат со жетвата, српска влегува на граница, како не ви е срам“.

Цената која земјоделците ја добиваат за јачменот е од 8,5 до 10 денари за килограм. Додека за пченицата нема ни цена, ни откуп, се жалат земјоделците.  Во млиновите и во складиштата на откупувачите сѐ уште има пченица од ланската реколта.

Земјоделците велат дека нашата ланска пченица не е сомелена, а се увезува жито и брашно од Србија во големи количини. За житото од Србија се плаќаат девизи, а нашата пченицата стои без цена и неоткупена, велат жетварите.

Со реакција се јавија и од здружението „Фармери Југозапад“.

„Земјоделците производители на житни култури загрижени се за откупот и цената на пченицата и јачменот. Жетвата е во тек а не се знае каде да се носи пченицата, ниту пак има цена. Тешка е состојбата на поледелците“, вели Миле Кебакоски од здружението „Фармери Југозапад“.

Жетварите јавно ги изнесоа барањата до власта: „Владата под итно да ја разгледа ситуацијата и да реагира за да се обезбеди пласман и пристојна цена. Да се одделат средства од интервентниот фонд – 5 денари по килограм предадена пченица. Да се стопира увозот на брашно и пченица до 31 декември 2026 година со цел да се прибере домашното производство. До петок 10 јули да се исплатат субвенциите во целост за житните култури и сончогледот“, повика Кебакоски и накрај додава дека час поскоро треба да се издадат картичките за нафта со цел ублажување на незавидната ситуација во секторот.  

Според Кебакоски, земјоделците сѐ уште ги немаат добиено субвенциите за посеаното жито од есента 2024 година, немаат исплата ни авансно, ни основна субвенција, ниту пак дополнителна.

„Не е далечно времето кога имавме авасна исплата и додатни субвенции, две години со ред имавме 3 денари за пченицата од интервентниот фонд, а 5 денари за сончогледот“, наведува Кебакоски и за себе вели дека година и пол не зел дeнар на има субвенции за поледелски производи.  

Според Законот за земјоделство и рурален развој, исплатата на субвенциите, треба да се врши во тековната календарска година. Доколку поради недостаток на финансиски средства или продолжени административни постапки тоа не е можно, законот предвидува исплатата да се реализира најдоцна до 30 јуни во следната календарска година.

Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица за медиумите вели дека неизвесноста околу исплатата на субвенциите создава дополнителен проблем, бидејќи земјоделците не можат да го планираат новото производството.

„Земјоделците се револтирани поради доцнењето на субвенциите. Тие монети не се луксуз, тие се неопходни за да се продолжи со производството. Во моментов, многумина немаат средства да купат масло, ѓубрива, семе и други суровини. Без овие средства, тие не можат да ги извршуваат агротехничките операции на време, а тоа директно влијае на приносите и квалитетот на производството“, изјави Велков. (А.Б.)