Жетварите во зијан, пченицата не се откупува по договорената цена

Најголемите критики доаѓаат од земјоделците во Пелагонија, кои велат дека во изминатите денови пченицата им се плаќа по 11 денари, па дури и 10 денари за килограм. Откупната цена е одредена на 12 денари


Производната цена на пченицата е на 15 денари за килограм, велат земјоделци

 

БИТОЛА – Во екот на жетвата на лебното зрно, земјоделците производители на пченица се жалат дека договорената цена за откуп на пченицата од 12 денари за прва и втора класа, не се почитува од откупувачите.  

Најголемите критики доаѓаат од производители од плодната житница Пелагонија, кои велат дека во изминатите денови пченицата им се плаќа по 11 денари, па дури и 10 денари за килограм. Земјоделците тврдат дека оваа намалена цена е за квалитетна пченица.  

„Три кила пченица колку пакетче мало смоки, толку е обезвреднет трудот на земјоделецот“, се жалат жетварите. 

„Жална Македонија! Сѐ поскапе, само маката на земјоделецот поевтини, затоа наместо леб ќе пушите тутун, оти нивите со жито ќе ги засадиме со тутун, тоа се исплаќа“, реагираат производители.   

Земјоделските здруженија апелираат земјоделците да ја складираат пченицата по силоси ако не се задоволни од моменталната откупна цена, бидејќи трошокот за складирањето ќе го плати државата. Очекуваат цената на житото да се покачи по завршувањето на жетвата.

Исто така, апелираат да се пријавува непочитувањето на договореното и неправилностите при откупот на житото, за да може да постапува Државниот земјоделски инспекторат.

Според договорот меѓу производителите и откупувачите, пченица со хектолитарска тежина над 78 хл ќе се плаќа 12 денари, исто толку и втора класа со над 76 хл. Додека трета класа пченица со 72 хектолитарска тежина ќе се плаќа 11 денари. Јачменот со над 65 хл – 9,5 денари.

„Кога министерот шета по откупни пунктови во Пелагонија, пченицата се откупува за 12 денари по килограм, но кога ќе замине, откупувачите го вадат ‘сатарот’ па ценат по 11 денари за килограм пченица, како да е трета класа. Нека образложи сега министерот на што се должи ваквата состојба, едно за пред јавност, друго во реалност“, се жали Никола, земјоделец од прилепско.

Производната цена на пченицата е на 15 денари за килограм, велат земјоделци, разочарани што и годинава трудот нема да им се исплати.

„Ништо не правиме со оваа цена, за в година здравје само за кокошките ќе посадиме пченица. Нас килограм пченица нѐ чини најмалку 15 до 18 денари, ни беше ветено 12, а сега на некои места се исплаќа и до 10 денари. Не само што ја плаќаат помалку туку и нередовно ја исплаќаат, списоците пуштени, пари нема на сметка“, се жали Кире, земјоделец од битолско, и вели само протест е решение.

Гоце Серафимов, потпретседател на Асоцијацијата на земјоделци за „Независен“ изјави дека цената од 11 до 12 денари за килограм пченица е речиси идентична како во соседните земји, Србија и Грција, па и пошироко на Балканот. Тој апелираше земјоделците да ја складираат пченицата и да не се грижат оти трошоците за складирањето ќе им ги надомести државата. 

„Сѐ што е пченица над 75 хл ќе се плаќа по 12 денари, сѐ што е под оваа хектолитарска тежина по 11 денари, плус превозот. Моментално во Србија и Грција е пониска цената од кај нас. Затоа нашите откупувачи велат ако сакате по таа цена добро, ако не, нема да откупуваме ќе си увеземе од Грција. Тоа е, пазарна економија. Се очекува цената да порасне по жетвата. Но, добро е што успеавме, министерот Трипуновски прифати сѐ што лани беше складирано да се исплати, и плус и оваа година да се плати складирањето. Што значи дека цената за многу скоро ќе се покачи“, вели Серафимов.

Според него, жетвата почна со многу добар квалитет на пченицата, но последните денови заради горештините намален е квалитетот на ожнеаното жито.

„Првично беше добар квалитетот на пченицата, но имаше топол ветер, сега квалитетот не е ист. Пченицата се исплаќа според квалитетот“, вели Серафимов.

Инаку министерот Цветан Трипуновски деновиве беше во обиколка на неколку откупни центри и млинови во Пелагонискиот регион за да види како се спроведува откупот на пченицата. Според Трипуновски досега откупот тече според планираното, цената која што е договорена е истакната на сите откупни места, но самиот констатира дека кај дел од откупувачите се утврдени одредени неправилности за кои се преземени мерки.

„Квалитетот на пченицата оваа година е исклучително добар, затоа апелирам да се почитуваат договорените одредби и секоја злоупотреба ќе биде санкционирана од Државниот инспекторат за земјоделство. Во текот на откупот на пченицата инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство ќе бидат на терен. Нашата цел како Министерство за земјоделство е да се почитува договорената откупна цена“, изјави Трипуновски.

Што се однесува до субвенциите кои ги земаат производителите на жито од државата, за еден хектар пченица или јачмен им се исплаќа по 22.300 денари вкупно субвенции по сите мерки, вклучувајќи ја и зелената нафта.