Жерновски: Митева потврди дека Мицкоски управува со судството, мојата пресуда ја дознав од неа место од судот
Андреј Жерновски, бивш амбасадор и член на СДСМ, тврди дека портпаролката на Владата Марија Митева во вчерашната емисија „Само вистина“ потврдила дека власта управува со судовите.
„Вчера се случи нешто што досега не е видено во Македонија, тоа е да претставник на владата и тоа портпарол со скандалозно признание фактички потврди она што СДСМ цело време го кажува – дека судската власт во нашата држава е директно под контрола на извршната власт.
Вчера имавме доказ пред граѓаните јавно на една дебата на реномирана телевизиска куќа дека Мицкоски го контролира судството.
Портпаролката на владата има податоци за мојот процес против МНР, процес којшто сеуште не е завршен. Она имаше податоци за тоа каква е пресудата. Значи јас пресудата не ја дознав од адвокатите, не ја дознав од судот, туку ја дознав од владата на нашата држава којашто ги има податоците не само за предметот, туку каков е и текот на самиот процес. Ова се зборовите. „Само немојте како изгубената жалба против претседателката Силјановска“, односно „моите информации„, ја цитирам портпаролката, “говорат дека ви е изгубена жалбата“.
Тоа значи дека владата на Мицкоски има информации од судот за самиот процес. Ова всушност значи дека процесите во судството, особено против владата, против органите, против министерствата, пресудите се донесени пред да биде воопшто разгледан самиот предмет. Ова е еден голем скандал. И ние нема да застанеме тука, ќе го отвараме до крај, затоа што очекуваме понатамошна истрага за тоа кој судија или кој од владата ги има овие информации. Даваме нон-стоп примери за тоа што се случува со судството.
Ова вчера беше само една потврда за тоа што СДСМ го зборува цело време, но да повториме. Го сменија јавниот обвинител под притисок. Сопруга на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ е назначена за член на Судскиот совет. А, вчера и завчера имавме можност да видиме дека и советникот на премиерот Мицкоски за правни работи станува сега член на Уставниот суд.
Треба ли уште докази за тоа што СДСМ го тврди цело време? Се разбира, Мицкоски од собраниската служба им кажува што да прават, како да прават и на крај какви да бидат пресудите.
Зошто служи сето ова? Зошто ја држиме денешната прес-конференција? За да укажеме дека овака се заплашуваат граѓаните, се заплашува опозицијата постојано и тоа со обвинителство, со тужби, со пресуди.Тоа за нас од опозицијата е секојдневие, а сега стана секојдневие и за оние што ги претставуваат синдикатите. Дозволете на крајот да ви кажам од името на СДСМ дека ова е модел кој нас ни е многу добро познат. Ова е модел за заплашување и пресметка со опозицијата, но сега и пресметка со граѓаните. Не е само опозицијата во прашање. Безбедносни служби се користат и за следење на неистомисленици. Тоа ние од СДСМ најдобро го знаеме.
Пак ќе кажам сега го знаат и они од синдикатот. Служби за безбедност, обвинителство, судство. медиуми. Звучи познато, се разбира тоа се методите на секое владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Исто како во времето на оној на којшто морам да му го споменам името и на којшто режим повторно почна да не потсетуваат овие денови. Тоа е режимот на Груевски. Затоа и авионот нонстоп оди до Будимпешта кај Груевски. Не е битно кој е пилотот. Битно е што контролорот на летање на владиниот авион е Никола Груевски. Така да од сега кога ќе слушнете Груевски како вели „она на М“ веќе не мисли ниту на „мерцедес“ ниту на „мајбах“. Денеска она на М е Мицкоски.
За крај сакам да им порачам на граѓаните да не се заплашуваат од овие притисоци бидејќи ќе победиме. Режимите во едно се разликуваат и во едно се слични. Слични се во тоа што фактички тој режим исто завршува. Различен е стилот, различен е начинот. Некои се поотворени, некои се позатворени, но исто завршуваат. Завршуваат победени од граѓаните, порача Жерновски.
Митева наводите на Жерновски ги нарече „панична и хистерична реакција“. Според неа, станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски била отфрлена, а барањето за надомест на штета одбиено како неосновано.
„Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста“, наведе таа.