Жерновски: И Кошта и Вајц го потврдија она што го зборува СДСМ – реформи нема
Македонската јавност имаше можност од највисоко европско ниво да добие три важни и целосни потврди за она што го зборувавме како партија со месеци наназад, а кое беше демантирано од страна на владејачката ВМРО, изјави на прес-конференција секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски.
„Прво, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, јасно порача дека уставните измени се единствениот услов за формално отворање на преговорите со Европската унија. Тука веќе треба да престане секоја дилема, дебата и манипулација околу ова прашање.
Второ, вчера Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои извештајот на Томас Вајц за Македонија. Во извештајот се констатира, цитирам, дека нема напредок од последниот извештај. Тоа значи дека една година, односно 365 дена, се изгубени без да бидат спроведени суштински реформи во нашата држава.
Трето, Комитетот во извештајот ги посочува манипулациите и дезинформациите преку ‘странско непријателско мешање и кампањи за дезинформации’. Тоа е токму она што СДСМ го зборуваше со месеци наназад – дека постои поврзаност меѓу ВМРО и СНС на Вучиќ и нивните заеднички кампањи“, рече Жерновски.
Според него, „со Христијан Мицкоски и со ВМРО нема иднина за Македонија, нема перспектива за Македонија и нема подобар животен стандард за нашите граѓани.
Сосема е јасно дека никогаш нема да ја видиме Европа со оваа криминална власт и со овие криминалци на власт.
Дел од ова сценарио е и лажниот патриотизам на премиерот Мицкоски. Тој со својата пропаганда со месеци наназад шири лаги и нè убедува дека, ако треба, ќе јадеме корења, доколку се внесат малцинствата во Уставот, бидејќи наводно ќе биле загрозени македонскиот јазик, македонската култура и нашиот национален идентитет.
Чиста лага. Чиста манипулација.
Она што сакам денес јасно да го кажам е дека сите овие манипулации излегуваат на виделина. Веќе не може да се крие таа антидржавна и антимакедонска стратегија“.