Жена на 21 година родила мртво бебе во Битолската болница
Мртво бебе било породено вчера во Битолската болница, на 21-годишна родилка која пред два месеци се вратила од азил во Германија. Според официјална изјава на директорката на болницата, д-р Елизабета Ивановска, бебето било породено со царски рез, но не давало значи на живот.
„Породувањето е направено со царски рез, заради вишок на плодова вода, во 36 недела од бременоста. Бебето не давало знаци на живот, со апгар 0. Значи родено со аномалија без срцева реакција“, вели д-р Ивановска за „Независен“.
Родилката иако млада, досега имала три бремености претходно. Првите две деца ѝ се живородени, додека и во третата бременост ги имала истите симптоми, па и тогаш имала мртвородено бебе, велат од битолската болница.
„До седмиот месец родилката не ја контролирала бременоста била во Германија. Кон крајот на седмиот месец направила прва контрола, кога се вратила тука во градот, за во 36-та недела од бременоста да биде упатена на породување со царски рез поради вишокот на плодова вода. Пред три години имала исти вакви компликации со бременоста“, наведува д-р Ивановска.
Од болницата велат дека родилката немала забелешка за третманот од гинекологот ниту на породувањето, но дека ќе има обдукција на мртвороденчето. (А.Б.)