Желките може да ги донесат најпознатите биoлози во Преспа


Македонското еколошко друштво во соработка со Националниот парк Галичица планираат да ги донесат најпознатите билози од цел свет во преспа, со цел да се изнајде најдоброто решение за желките на Голем Град. 

Имено, откако беше изработена студија и таа покажа дека женките желки на Голем Град се фрлчаат од карпи поради агресивното сексуално однесување на мажјаците, заради нееднаквоста во бројноста, свеските медиуми ја пренесоа веста од едниот до другиот крај на светот.

Од Македонија до Чиле, од Јужна Кореја до Бразил, преку Обединетото Кралство, Германија, Швајцарија, Австрија, Белгија, Холандија, Италија, Унгарија, Русија, Перу, Мексико, Аргентина и Соединетите Американски Држави… желките од Голем Град го обиколија светот.

„Позитивно сме изненадени од одзивот на светските медиуми за проблемот со кој се соочува оваа изолирана островска популација на желки во Преспа, но жал ни е што таквото внимание доаѓа поради нималку позитивна ситуација. Невообичаеното однесување на овие животни кај дел од јавноста беше доживеано како интересен куриозитет – нешто на што можеме да се насмееме и да го споделиме како тривијален факт додека пиеме кафе. За жал, реалноста е далеку од таква. Во суштина се работи за сериозен еколошки проблем кој може да предизвика трајни последици врз биолошката разновидност и природниот амбиент на еден од најемблематичните и уникатни природни споменици во нашата држава“, велат од МЕД.

Како што пренесоа и бројни медиуми, доколку забележаните популациски трендови и изразениот полов дисбаланс кај желките продолжат по истиот тек, постои реален ризик последната женка-желка на Голем Град да исчезне во следните неколку децении. Оттука, сосема оправдано се наметнува суштинската дилема: дали човекот треба или не треба да интервенира во овој процес?

Носењето на одговорна и научно заснована одлука подразбира дополнителни истражувања, детални анализи, стручни консултации и координација со сите надлежни институции и засегнати страни, со цел да се одговорат низа отворени прашања поврзани со потеклото и екологијата на оваа островска популација на желки.

„Токму во таа насока, со National Park Galicica планираме да организираме меѓународна научна средба во Преспа, на која ќе бидат поканети светски признати биолози, експерти во планирање на активности за заштита и искусни претставници на надлежните институции, со цел заеднички да го изнајдеме најсоодветниот модел за иднината на големградските желки“, планираат од МЕД.

Од Преспа до „Њујорк тајмс“: Желките од Голем Град го привлекуваат вниманието на светската јавност