Железничката обиколница на Скопје ќе го забрза карго транспортот, помалку возови низ центарот


Фото: Б. Грданоски

Железничката обиколница околу Скопје ќе овозможи побрз и поефикасен карго транспорт на Коридорот 10, но и ќе придонесе за намалување на загадувањето во главниот град, изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

Тој посочи дека со реконструкцијата на обиколницата товарните возови повеќе нема да мора да минуваат низ централното градско подрачје, што ќе донесе повеќекратни придобивки – пократко време на транспорт, поголема безбедност и подобар квалитет на живот за граѓаните.


„Точно е дека пред 30-40 години, кога првпат била изградена оваа обиколница, карго возовите не поминувале низ Скопје. Но, поради запоставувањето и пропаѓањето на железничката инфраструктура во изминатите години, овој коридор не се користеше. Ние решивме целосно да го реконструираме заедно со ЈП Железници Инфраструктура и во рекордно време ја завршивме карго обиколницата на Скопје“, рече Николоски.

Според него, модернизацијата на железничката инфраструктура ќе има влијание и врз економскиот развој долж Коридорот 10, особено преку подобрување на врските со соседните земји.

Како важен чекор го посочи воведувањето на „One-stop shop“ системот на железничката граница со Грција, со кој карго возовите веќе нема потреба да запираат двапати при преминување на границата, туку поминуваат низ една заедничка контрола.

„Тоа е особено значајно за Гевгелија, бидејќи Коридорот 10 поминува токму тука. Дополнително, работиме и на изградба на заеднички железнички граничен премин со Србија, што дополнително ќе го забрза транспортот“, истакна министерот.

Во однос на изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, Николоски информираше дека подготовката на документацијата се одвива според планираната динамика.

„Очекувам во текот на летото сите документи да бидат завршени. Еден по еден се комплетираат и сите се во предвидениот рок. Потоа ќе следи и фазата на изградба“, додаде Николоски.

Од Министерството за транспорт велат дека со овие проекти се создаваат услови Македонија да стане поконкурентна транспортна рута и поатрактивна за меѓународниот карго сообраќај.