Зголемен бројот на туристи и ноќевања, за Бектеши тоа е резултат на донесените мерки


Фото: Б. Грданоски

Бројот на туристите во периодот јануари – јули 2021 година во однос на истиот период лани е зголемен за 56,6 отсто, кај домашните за 56,6, а кај странските за 56,6 проценти. Зголемен е и бројот на ноќевањата за 46,4 отсто, кај домашните туристи за 36,4 и кај странските за 79 проценти.

Според Државниот завод за статистика, бројот на туристите во јули 2021 година изнесувал 136.291, од кој  66,4 отсто биле домашни, а 33,6 проценти странски. Бројот на ноќевањата, пак, достигнал 618.314 и од него, 83 отсто се од домашни, а 17 проценти од странски туристи. 

Министерот за економија Крешник Бектеши на својот Фејсбук профил се пофали дека мерките на Министерството даваат резултат и дека туризмот пополека се враќа во нормала. 

Имајќи предвид дека во светски рамки туризмот беше една од најпогодените индустрии од пандемијата со Ковид 19, главниот фокус на Владата преку Министерството за економија како надлежна институција за развој на туризмот беше да се подржат најпогодените сектори. Фокусот беше во зачување на работни места во овој сектор и подршка на индустријата преку конкретни финансиски мерки. Имајќи ги предвид бројките на туристи и ноќевања можеме да покажеме дека мерките кои се имплементирани дадоа видливи резултати.

-Бројот на домашни туристи е зголемен како резултат на кампањата „Дома си е дома“ и ваучерите за туризам, додека кај странските туристи безбедносниот печат ги даде очекуваните резултати, додава Бектеши.

Оваа година Министерството за економија како една од мерките за поддршка на туризмот додели над 3.500 ваучери за домашен туризам во вредност од 12.000 денари за работници со ниски приходи кои што можат да се користат во домашните туристички капацитети најдоцна до 30 ноември годинава.