Земјоделците бараат од државата 5 денари по килограм откупена пченица од Интервентниот фонд

Здруженијата на земјоделци велат дека годинава жетвата поминала со катастрофално ниски цени кои не им ги покриваат трошоците за производство на лебното жито


БИТОЛА – Пелагониските земјоделци, производители на жито се незадоволни од откупната цена на пченицата која се движи од 10 до 9,5 денари за килограм и бараат од државата доплата од 5 денари по килограм, средства од Интервентниот фонд.

Здруженијата на земјоделци се со став дека оваа година жетвата поминала со катастрофално ниски цени кои не им ги покриваат трошоците за производство на лебното жито.

На средбата во Прилеп што се одржа синоќа, земјоделците побараа час поскоро да им се исплатат субвенциите за 2024 за предадена пченица, по површина и семенски материјал како и субвенциите по остварен принос, да се направи корекција во Програмата за субвенционирање за 2026 година и да се стопира увозот на пченица и брашно од Србија.

„Го следиме патот на пченицата, дел се извезе во соседството, а дел е складирана кај земјоделците. Дел од житото, пак е складирано кај трговци кои чекаат тендер за откуп на родот за државните резерви. Трговците не беа контролирани од никого и толку многу ја намалија цената за да има поголема разлика за тендерот за да можат да си поделат, ако има тука нешто симптоматично, а има сигурно оти истите ‘актери’ се појавуваат кога ќе има тендер за стоковите резерви за пченицата“, изјави на средбата Миле Кебакоски од Здружението „Југозапад Фармери“ од Пелагонија.  

Во однос на барањето за корекција за субвенционирањето во Програмата за 2026 година, Кебакоски вели дека има проблематични ставки.

„Есента по старата програма сеевме 150 килограми по хектар семенски материјал, поднесуваме за субвенции, а по новата програма се бара 200 килограми по хектар семенски материјал. Значи ние сме посеале, сега не можеш ни фискална сметка да најдеш, ни фактура, завршните сметки беа до Нова година“, се пожали Кебакоски.    

Националната земјоделска мрежа, исто така реагира дека за стратешките култури се гарантира заштитна цена која се пресметува врз основа на производната цена зголемена за 25 проценти.
Во услови на пазарни нарушувања, кога откупната цена е помала од пресметаната заштитна цена, државата според Законот за земјоделство и рурален развој е задолжена да ја доисплати разликата. Во случај на непочитување на оваа законска мерка, државата грубо го крши Законот и за тоа треба да има институционална и лична кривична одговорност. Сѐ надвор од ова е груба манипулација и кршење на законите“, реагира Ѓорги Каракашев од НЗМ.

Според него жалосно е што за житариците од реколтата 2025, и покрај законската обврска, до ден-денес Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема изготвено производна цена за јачменот и пченицата.

Националната земјоделска мрежа во 2023 и 2024 година презеде иницијатива и преку институционален пат, успеа да излобира за реколтата документ од Земјоделскиот институт Скопје за производна цена на пченицата за 2023 година, и тоа за пченицата 19 денари и јачменот 15 денари. За истата година се оствари рекордна цена за јачменот и пченицата. За реколтата 2024, со одлука на Владата предводена од премиерот Мицкоски, се одобрија пет милиони евра преку Интервентниот фонд, односно три денари по предаден килограм пченица и шест илјади денари по хектар дополнително за јачменот.

Земјоделците реагираат дека доцна е за состаноци, затоа што житото се откупи за џабе.

„Зошто му е сега состанок кога житото се предаде и прекупците ќарија по 2 денари од килограм, а можеби и повеќе на маката на земјоделците. Пченицата ни ја зедоа беспари, а сега и лебот ќе го поскапат. Значи ние работиме за да се богатат трговците и пекарите, ова никаде го нема. Пред 5 до 6 години пченицата ни ја зедоа за 19 денари, лебот не се поскапи, сега житото се откупи на 9 и пол до 10 денари, а лебот ќе поскапи“, критикува земјоделецот Златко Џумковски.    

Младиот земјоделец Метин од Конче во иронија коментирата дека состаноците за повисока цена на жетвата се задоцнети.

„Нели е малку рано за состанок за пченицата, пченицата отиде за мизерни 10 денари сега состанувајте се секој ден ако сакате“, вели Куртов.

Деновиве министерот за земјоделство Борче Серафимовски одржа средба со  претставници на Асоцијацијата на земјоделци, па објави дека отворено разговарале за прашањата што се важни за земјоделците и за предизвиците со кои се соочуваат.

Деталите изостанаа, па министерот рече дека –„Различните ставови и предлози се важни, бидејќи само преку искрен дијалог можеме да дојдеме до решенија што ќе бидат применливи и ќе одговорат на реалните потреби.“

Инаку министерот Серафимовски пред две недели во Прилеп изјави дека допрва ќе се анализираат приносите, а главни прашања ќе бидат цената на пченицата, која вели дека е берзанска цена.

Треба да се направат анализа и сондажа колку количества пченица ќе добиеме од околу 63 000 хектари и колку се капацитетите што ќе ја примат пченицата. Но, кога зборуваме за цената, знаеме дека ова е берзанска работа и, реално, не зависи само од нас како држава, туку зависи од регионот. Главната идеја која ќе ја спроведувам во наредниот период е претходна анализа и претходно дефинирање на цената заедно со откупувачите и со Регионот, така што, оваа состојба која ја имаме треба заедно да ја надминеме со земјоделците и со откупувачите, изјави Серафимовски.

Со ребалансот на буџетот најавено е дека ќе бидат исплатени околу една милијарда и 200 милиони денари за субвенции во кои се опфатени и житните култури.