Земјите-членки на ЕУ молчат за македонските пасоши

ЕУ не сака да охрабрува со официјални отстапки пролонгирање на менувањето на патните исправи, а земјите сами да оценат како да постапуваат


 

Наспроти многуте идеи кај нас како да се надмине проблемот со патните исправи што не го носат името Северна Македонија, во ЕУ и натаму има молк околу позицијата на Брисел за овој проблем на нашата држава.

На состанокот што се одржа дведнаш по стапувањето во сила на оваа одредба од Преспанскиот договор не бил заземен јасен став и одлуката им беше препуштена на земјите-членки, со интенција да не ја официјализираат – за да не се прати порака дека не се почитува договорот меѓу Грција и Македонија. 

Анита Хипер, портпарол на Европската комисија за внатрешни работи, посочи за „Независен“ дека одлуките за признавање/непризнавање на патните исправи се надлежност на земјите-членки, дека тие потоа се обврзани да ја информираат Комисијата за нивната позиција, а таа ги објавува известувањата за признавање на својата веб-страница.

На веб-страницата, пак, стои само известувањето од Грција дека од 12 февруари не ги признава патните документи од Македонија, дури и ако на нив има дополнителен печат дека се издадени од Република Северна Македонија. Исто така, во друга објава стои дека Грција не ги признава и пасошите од која и да е земја ако во нив место грчките се наведени други топоними за место за раѓање, што исто така е насочено кон македонските именувања на места во Северна Грција. 

„Комисијата разговараше за ова прашање со земјите-членки на техничко ниво во Комитетот за патни документи на 13 февруари, со кој претседава Комисијата. Поопшто, за Договорот од Преспа: Тоа е меѓународен договор меѓу Грција и Северна Македонија. Ниту ЕУ, ниту другите земји-членки на ЕУ не се страни во договорот. Сепак, потсетуваме на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување на меѓународните договори со добра волја, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција, како што потсети Советот на ЕУ во своите заклучоци од декември 2023 година. Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот на стабилизација и асоцијација“, изјави Хипер за „Независен“.

Практично испаѓа дека ЕУ не сака да охрабрува со официјални отстапки пролонгирање на менувањето на патните исправи, а земјите имаат дискреционо право да постапуваат како ќе  оценат дека треба, а од табелата се гледа дека никој не известил формално дека ќе обезбеди олеснувања за нашите граѓани со стари патни исправи. (Н.В.)