Зеленски за нуклеарката: Доколку имаше експлозија, тоа ќе беше крај за сите


Украинските власти потврдија дека руските сили сега ја контролираат најголемата нуклеарна централа во Европа „Запорожје“, која ноќеска беше нападната и гранатирана, при што се запали еден објект.

„Оперативниот персонал ја следи состојбата на погоните. Целиот персонал продолжува со својата работа“, кажаа локалните власти.

Светските лидери ја обвинија Русија за загрозување на безбедноста на целиот континент, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини за нуклеарен тероризам.

„Доколку имаше експлозија, тоа ќе беше крај за сите, крај за Европа“, кажа Зеленски во денешното видеообраќање.

Според украинскиот министер за надворешни работи Дмитри Кулеба ако експлодираше оваа нуклеарка ќе беше десет пати полошо од Чернобил!

Портпаролот на централата Андриј Туз изјави дека гранатите паднале и врз еден од шестте реактори, кој се реновирал и не бил во функција.

„Нивото на радијација останува непроменето и нема опасност по здравјето на населението“, соопшти воената администрација на регионот Запорожје.

Меѓународната агенција за атомска енергија кажа дека пожарот не ја зафатил суштинската опрема на централата. Но, нуклеарните експерти кои ги следат настаните во нуклеарната централа Запорожје велат дека е многу ризична ситуацијата.

„За прв пат утрово, јас сум преплашена“, вели експертот за нуклеарни материјали од Универзитетот Шефилд, професор Клер Коркил. Таа вели дека реакторите се „офлајн“ што значи „тие ја исклучуваат нуклеарната реакција и ги ставаат во безбедна и стабилна состојба“. Таа додава дека ова можеби била намерата на Русија.

„Ако сакате да го таргетирате нивното напојување, напаѓате зграда блиску до електраната и ги принудувате операторите да ја затворат“, вели таа.

Коркил додава дека „најлошото сценарио“ би било да се оштети снабдувањето со електрична енергија на централата бидејќи „можеме да гледаме сценарио слично на она што се случи во Фукушима во 2011 година, каде што губењето на струја доведе до губење на ладењето, што предизвика топење на три нејзини нуклеарни реактори“.