Зеленски во посета на Холандија, Руте најави дека ќе му даде „фантоми“
Претседателот на Украина Володимир Зеленски пристигна во посета на Холандија. Авионот со кој патувал украинскиот лидер слетал во воздухопловна база во Ајндховен, во јужниот дел на земјата. Зеленски вчера беше во посета на Шведска.
Посетата на Холандија доаѓа два дена откако САД и дадоа зелено светло на таа земја, како и на Данска, да и обезбедат американски авиони Ф-16 на Украина. Засега не се познати деталите за овие испораки, ниту датумот на кој би можеле да бидат извршени.
Зеленски во Холандија имаше средба со премиерот во оставка Марк Руте кој изјави дека Холандија и Данска ќе и дадат неодреден број на авиони Ф-16 на Украина штом ќе се сиполнат условите за трансфер.
Од почетокот на војната, Украина напорно лобираше кај меѓународната заедница за да ги добие овие авиони и конечно ја надмина американската неодлучност во мај, кога претседателот Џо Бајден ги одобри програмите за обука на украинските пилоти за летање со авионите Ф-16. Во тоа време, се надеваше дека обуката ќе започне „во наредните недели“. Украинскиот лидер вчера, при посетата на Шведска, изрази интерес и за шведскиот борбен авион Грипен.
„Авионите Ф-16 за Украина за заштита на нашиот народ од рускиот терор се главната цел на посетата“, додава Зеленски. Ќе станеме посилни“, нагласува шефот на државата.
Од почетокот на руската инвазија, Киев бара западни авиони за да се спротивстави на силите на Москва, кои во моментов доминираат. САД имаат строги правила за препродажба или трансфер на американска воена опрема од страна на сојузниците.
Украинските пилоти ќе мора да поминат обука за летање со Ф-16, која ќе биде обезбедена од коалиција од 11 земји и треба да започне овој месец. Украинските пилоти се очекува да бидат обучени за користење на овие авиони до 2024 година.