Зеленски: Москва се плаши од Вашингтон,САД може да ја потурне Русија кон мирот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека верува оти Вашингтон ќе ја „потурне Русија кон мир“, кратко откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Киев е „во позиција“ да ја поврати целата своја територија што ја изгуби од Москва.
„Благодарен сум за овој состанок и очекуваме дека американските акции ќе ја турнат Русија кон мир. Москва се плаши од Америка и секогаш ѝ обрнува внимание“, рече украинскиот претседател во Советот за безбедност на ОН.
Трамп претходно напиша на својата социјална мрежа Truth Social дека верува оти Украина, со поддршка на Европската Унија и НАТО, може да ја врати целата територија што Русија ја освоила од почетокот на инвазијата.
„Со време, трпение и финансиска поддршка од Европа, а особено од НАТО, оригиналните граници од почетокот на војната се многу добра опција“, рече Трамп кратко по состанокот со својот украински колега. Русија контролира приближно една петтина од територијата на Украина, вклучувајќи го и полуостровот Крим на Црното Море, нелегално анектиран во 2014 година.
Зеленски изјави дека ако Кина сака, може да ја принуди Русија да ја заврши војната во Украина. „Без Кина, Русија на Путин е ништо. Сепак, Кина премногу често молчи и се држи настрана наместо да дејствува за мир“, заклучи украинскиот лидер.