Зеленски и јорданскиот крал Абдула Втори разговарале за безбедносна соработка
Аман – Украинскиот претседател Володимир Зеленски на вечрашната средба со јорданскиот крал Абдула Втори разговарал за актуелната ситуацијата на Блискиот Исток и во регионот на Персискиот Залив, како и за можностите за безбедносна соработка.
„Украина е отворена за соработка во сферата на одбрана од напади со дронови и ракети. Од сопствено искуство знаеме дека без единствен систем е невозможно да се обезбеди целосна заштита на населението и критичната инфраструктура“, изјави Зеленски за време на посетата на Јордан.
Тој нагласи дека Украина веќе има таков систем, развиен во текот на повеќегодишната војна, како и дека соработката треба да биде двонасочна.
Зеленски му се заблагодари на кралот Абдула Втори за средбата и „отвореноста за дијалог“.
Според претходни изјави на украинскиот претседател, во регионот на Блискиот Исток се распоредени 228 украински експерти кои им помагаат на локалните противвоздушни одбранбени сили во справување со напади, вклучително и оние со дронови од иранско производство. Тој исто така посочи дека Украина примила повеќе барања за безбедносна поддршка од земји од регионот, европски држави и од САД.
Зеленски претходно соопшти дека Украина потпишала десетгодишен договор за стратешка соработка со Катар и оти се очекува сличен договор и со Обединетите Арапски Емирати. Според него, договорите опфаќаат производство на оружје, размена на искуства и соработка во енергетскиот сектор, без предвидено учество на украинската војска во конфликти во странство.