Зеленски го смени премиерот, Јулија Свириденко е предлог за нов шеф на владата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски штотуку соопшти на социјалните мрежи дека побарал од првата вицепремиерка Јулија Свириденко да стане нов премиер на земјата разурната од војна.
Доколку биде потврдена, Свириденко ќе ја преземе функцијата од сегашниот премиер Денис Шмихал, кој е на функцијата од 2020 година.
Зеленски рече дека овој потег е дел од „трансформација на извршната власт“ и дека се надева оти нејзиното назначување „значително ќе ја обнови нејзината работа“.
Тој рече:
„Доставен е извештај за спроведувањето на договорите со европските и американските партнери во врска со поддршката за Украина, постигнати за време на неодамнешната Конференција за закрепнување на Украина.
Мораме брзо да спроведеме сè што може да ја зајакне отпорноста на нашата држава и општество.
Исто така, разговаравме за конкретни мерки за зголемување на економскиот потенцијал на Украина, проширување на програмите за поддршка на Украинците и зголемување на нашето домашно производство на оружје“.
Назначувањето на Свириденко ќе бара одобрение од парламентот, кој во голема мера се обедини околу украинскиот претседател Володимир Зеленски по целосната инвазија и веројатно нема да гласа против него. Следната седница на парламентот треба да започне оваа недела.
39-годишната Свириденко, која моментално е и министерка за економија, се смета за близок сојузник на Андриј Јермак, шеф на кабинетот на Зеленски.
Таа доби на популарност оваа година за време на напнатите преговори околу договорот за ретки минерали со САД. Затоа се смета дека министерката има силни врски со високи функционери во администрацијата на Трамп, на кои Киев се потпира за витална воена и дипломатска поддршка.
Шпекулациите за промена на чело на украинската влада циркулираат со месеци, па затоа оваа вест не е целосен шок.
Во посета на Киев е Кит келог, специјален пратеник за Украина на претседателот Доналд Трамп, каде треба да го претстави новиот пакет на американски санкции против Русија.