Зелените во тесна трка победуваат пред ЦДУ на покраинските избори во Баден-Виртемберг
Она што изгледаше како веројатна победа на Христијанско-демократската унија на многу важните покраински избори во Баден-Виртемберг во Германија се претвори веројатен тесен пораз.
Проекциите од излезните анкети во Баден-Виртемберг укажуваат дека досега владејачките Зелени се малку пред ЦДУ во прогнозата на телевизијата ЗДФ. Прогнозата на другата телевизија, АРД покажува малку поголема разлика меѓу двете партии. Според излезните анкети Зелените ќе имаат 30,7 отсто од гласовите, додека ЦДУ 29,7.
Едно е сигурно: двете партии дефинитивно можат да ја продолжат својата коалиција. Кандидатот за покраински премиер Џем Оздемир веќе ја повика ЦДУ да го стори тоа. Тој би требало да го наследи неговиот колега од партијата Винфрид Кречмар кој долги години ја водеше покраината Баден-Виртемберг.
Голем успех постигна крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) која ќе стане трета најсилна партија, достигнувајќи околу 18,6 проценти. Тоа е за 8 проценти повеќе отколку на претходните избори и со овој резултат АфД покажа дека нејзиниот успех излегува надвор од упориштата во Источна Германија.
Социјалдемократската партија доживеа катастрофа преполивајќи го својот удел во гласовите и треба да освои само 5,5 отсто, што е малку над изборниот праг.
Либералите исто така се пред катастрофа да не влезат во покраинскиот парламент. Тие загубија 6 отсто од гласовите и се на околу 4,4 отсто. Левица има пораст но и таа е на слични бројки како либералите и веројатно нема да влезе во парламентот.
Првичните слики ја откриваат емотивната состојба на двете најсилни партии во Баден-Виртемберг: Зелените се пресреќни и олеснети што, според проекциите, ја одбранија својата прва позиција по извонредниот камбек во кампањата. Џем Оздемир сега има добри шанси да го наследи својот партиски колега Винфрид Кречман на функцијата премиер. ЦДУ, со својот водечки кандидат Мануел Хагел, се надеваше дека ќе стане најсилната партија и ќе ја предводи следната влада. Оваа желба веројатно нема да се исполни.
Џем Оздемир сè уште не се гледа себеси како победник. „Каква кампања! Каков спектакуларен камбек!“, им рече Оздемир на поддржувачите. „Сè уште е прерано да се каже нешто дефинитивно“, додаде тој, осврнувајќи се на првичните проекции. Се надева дека тие ќе бидат потврдени.
Водечкиот кандидат на ЦДУ, Мануел Хагел, сака да ја преземе одговорноста за овој резултат. Во изборниот штаб на партијата Штутгарт, тој рече дека отсекогаш му било важно лидерството секогаш да доаѓа со одговорност. „Токму затоа ја преземам одговорноста за изборната кампања, за нашата кампања, за сите одлуки што ги донесовме – и да, за овој резултат“. Сепак, прво мора да почекаат за понатамошни проекции. „Може да биде долга вечер“, рече Хагел.
За СПД, изборната ноќ е многу мрачна. Главен кандидат на партијата на овие избори беше Андреас Штох. Тој очигледно трпи последици од лошите резултати и најави оставка од функцијата лидер на покраинската и парламентарната група. Тој рече дека тоа е многу тежок ден за неговата партија.
Федералниот претседател на СПД, Ларс Клингбајл, го изрази своето длабоко разочарување од резултатот. „Ова е тотално горчлива вечер“, рече тој на телевизијата ЗДФ, осврнувајќи се на историски слабите резултати на неговата партија на југозапад. СПД се бореше за поинаков резултат. „Сепак, доживеавме неверојатна динамика во последните недели. Сето тоа се врти околу едно прашање: Џем Оздемир или Мануел Хагел, кој треба да стане премиер?“. Ова на крајот ги чинеше и гласовите на СПД.
Во АфД се презадоволни од успехот. Копретседателот на партијата, Тино Хрупала, го изрази своето „големо задоволство“ од настапот на неговата партија во Баден-Виртемберг. „Ние сме победници на вечерта“, рече Хрупала.