Зелените финансии, финансиските иновации и заштитата на потрошувачите во фокусот на соработката меѓу НБРСМ и ХНБ


Продолжување на досегашната плодна меѓусебна соработка и поддршка во интерес на двете институции, но и економиите на двете земји има за цел Меморандумот што денеска во Скопје го потпишаа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и нејзиниот хрватски колега Борис Вујчиќ.

„Меморандумот што го потпишуваме денес не е почеток на нашата соработка туку е алатка која што ќе овозможи нејзино натамошно продлабочување, особено во области и теми кои сѐ повеќе влегуваат во агендата на централните банки, како зелените финансии, финансиските иновации…“, рече гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Таа додаде дека сите тие се многу значајни прашања, кои сѐ повеќе добиваат на тежина. 

„Јасно е дека финансиските иновации стануваат наше секојдневие, но тие бараат и поголема финансиска писменост на населението за да може да ги ужива придобивките што ги нудат финансиските иновации. Оттаму, не случајно едно од полињата на нашата соработка ќе биде заштитата на потрошувачите“, рече гувернерката Ангеловска-Бежоска. 

Гувернерот на Хрватската народна банка истакна дека соработката на двете институции била добра отсекогаш, но, дека се интензивирала по 2000-та година. Особено, рече, била интензивирана со влезот на Хрватска во ЕУ и патот земјава за членство во Унијата.

„Хрватска поддржува што поскорешен влез на Македонија во Европската унија. Тоа го правиме и на политичка основа, но, и преку нашите активности како централна банка“, рече Вујиќ.

Тој додаде дека двете банки имаат добра соработка и по потреба за работи кои се важни за македонската централна банка и за хрватската централна банка.

„Морам де кажам дека таа соработка е долга и пријателска и би рекол ефикасна. Тоа се покажа и во ова пандемиска криза“, рече гувернерот на ХНБ додавајќи дека преку Виенската иницијатива во овој период биле постигнати значајни работи битни за земјите кои учествуваат во неа. Тука, додаде, се покажа дека соработката е особено важна во услови на криза кога состојбата е таква и треба брзо да се реагира.

Гувернерката Ангеловска Бежоска истакна дека Хрватската народна банка е наш значен партнер и поддржувач на нашиот пат кон членство во европското семејство.

„Најдобра потврда за нашата успешна соработка се податоците од неа кои недвосмислено упатуваат на цврст партнерски оснос кој се заснова на взаемна респектибилност“, рече гуверерката на прес-конференцијата по потпишувањето на Меморандумот.

Ангеловска Бежоска појасни дека ХНБ активно поддржала околу 12 значајни проекти во повеќе области кои се значајни за централно банкарското работење. Исто така, истакна гувернерката, поддршка дава и во рамки на други регионални и меѓународни инцијативи како што е Виенската иницијатива чиј претседател е токму Вујиќ, а таа е член на Управниот одбор .

Гувернерот на Хрватската народна банка Борис Вујчиќ денеска престојува во посета на Народната банка на Северна Македонија.