Зелени предели, историја и вера: Велигденските празници можат да се прослават и во Турција
Големиот христијански празник Велигден, кој вообичаено се одбележува во период на најубавите пролетни денови, може да се искористи и за инспиративна туристичка тура. Турција е интересна дестинација за такво патување, а причините не треба да се бараат само во живописните зелени пејзажи, туку и во богатото културно и историско наследство кое датира од раното христијанство, што длабоко се вкоренило во некои нејзини региони, на пример во градот Изник во Бурса, во Кападокија, но и во други места.

Наведен на привремената листа на светско наследство на УНЕСКО, Изник беше посетен од папата Лав XIV на неговото прво патување во странство минатиот ноември. Некогаш сметан за свет град, Изник беше домаќин на два од најважните екуменски собори признати од сите христијански цркви. Лоциран на околу 150 километри од Истанбул, Изник е особено шармантен напролет. Посетителите можат да ја видат џамијата Света Софија, за која се верува дека е домаќин на 7-миот Екуменски собор, да се шетаат по античките градски ѕидини, или да ги посетат Римскиот театар и единствената гробница со ликот на „Добриот Пастир Исус“. Ова се надополнува и со пловење со кану на езерото, прошетки во природа, велосипедски тури, како и дегустација на свежо уловена езерска риба. Како еден од водечките центри за производство на плочки во Отоманската империја, од Изник можат да се набават и извонредни традиционални плочки.

Вредни за посета се и Седумте цркви на Откровението, сместени низ денешен Измир, Маниса и Денизли, кои ги примиле писмата на Свети Јован, секое со посебна порака. Најдобар начин да се истражат остатоците од овие свети места на Велигден е да се изнајми автомобил и да се патува низ богатите природни предели полни со духовно наследство. Во Ефес, во Куќата на Дева Марија може да се присуствува и на велигденска миса, а во Урла не треба да се пропуштат рестораните со Мишелин ѕвездички.
Кападокија, пак, позната по самовилските оџаци и возењето со балони на топол воздух, содржи едно од најзначајните поглавја на христијанството. Регионот станал засолниште за раните христијани кои избегале од римското прогонство. Во неговите подземни градови монасите издлабиле манастири, ги украсиле нивните ѕидови со живописни фрески, и таму во тајност ја практикувале својата вера. Понатаму, под водство на Свети Василиј Велики, првите цркви биле изградени во долината Ѓореме. Такви се Токали и Каранлик лоцирани во Музејот на отворено, кој е наведен на списокот на светско наследство на УНЕСКО, а се познати по своите грациозни лакови. Кападокија се гордее и со вековната традиција на производство на вино, што датира од времето на првите христијански монаси.
За посета се препорачува и јужна Анадолија, каде што Свети Павле, еден од најважните апостоли на христијанството, поминал голем дел од својот живот. Патеката Свети Павле ги следи неговите мисионерски патувања низ Мала Азија, истакнувајќи ги клучните градови и региони каде што го ширел христијанството. Во Демре во Анталија пак, се наоѓа Црквата на Свети Никола, познат во целиот свет како Дедо Мраз, каде се наоѓа и неговиот гроб.