Зелен хуман град бара од Пендаровски да не ги потпише измените на Изборниот законик
„Зелен хуман град“ реагира на новиот обид за измени на Изборниот законик, на веќе започнат изборен процес, на овозможувањето да се гласа со истечени лични карти и на вметнување на можноста веќе потврдена листа за избори да се повлече по 48 часа.
„Вчера попладнето добивме информација дека праговите за потписи за независни листи не се предмет на измените, но, се предвидува можност за повлекување на кандидатските листи по нивното потврдување од ДИК.
Се воведува нов став во Член 67 со следното образложение: ‘Се овозможува на сите партии или подносители на независни листи да можат да ги повлечат листите во рок од 48 часа од нивното потврдување во изборните органи…’ Внесувањето на ваква измена во членот 67 го прави законот контрадикторен сам на себе! Впрочем, за секоја кандидатура е неопходна писмена согласност од кандидатот, која е неотповиклива. Како тогаш може листите да бидат повлечени, кога кандидатите дале неотповикливи изјави? Со која цел е предложена ваквата измена на Изборниот законик?
Дали оваа измена решава постоечки проблем, или овозможува златни 48 часа што служат за притисок врз политичките партии и независните листи за нивно повлекување, во очи на изборите?
Воедно, со измените се предвидува овозможување на гласање со истечени лични документи. Неодговорноста на институциите поради што голем број на граѓани останаа без нови лични документи не смее да се покрива со вакви правни преседани!
Сметаме дека носење на измени на Изборниот законик на веќе започнат изборен процес го урива владеењето на правото и претставува грубо нарушување на правната сигурност. Овие „демократски практики“ за жал нè потсетуваат на владеењето на една мината власт.
Бараме измените на Изборниот законик да бидат итно повлечени, а истите низ јавна и транспарентна расправа да бидат поднесени по завршувањето на изборниот процес. Го повикуваме претседателот Стево Пендаровски да НЕ го потпишува законот! Го повикуваме да НЕ дозволи погребување на правниот поредок во Македонија, стои во реакцијата на „Зелен хуман град“.