Здружението на издавачи и книжари ги додели наградите на Саемот на книгата
За наградите одлучуваше стручна комисија во состав проф. д-р Александар Прокопиев, претседател, проф. д-р Иван Џепароски, член, и проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, член.
Во категоријата „Најдобро оригинално издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу двата саеми“, првата награда ја добија Глигор Јовановски, Блажо Боев, Трајче Стафилов, Петре Макрески, Владо Матевски, Иван Боев за книгата „Алшар“ (Светско природно наследство)“ во издание на МАНУ, а втората награда му припадна на Влада Урошевиќ за книгата „Безразборна лабораторија“ во издание на ИК Магор.
Во категоријата „Најдобро ликовно-графичко обликување и дизајн на книга – едиција меѓу двата саеми“ првата награда ја освои Златко Глигоров за книгата „Поп-глам“ во издание на Пагома прес од Скопје.
Во категоријата „Најдобро илустрирана книга или сликовница меѓу двата саеми“ првонаградена беше книгата „Светот на Биби од А до Ш“, по текст од Билјана С. Црвенковска, а илустрациите се на Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, во издание на Бибиленд. Втората награда ја доби „Илустрирани приказни од Шекспир“, чиј уредник е Ана Иванова, а илустрациите се на Ана Григорјев, во издание на Просветно дело, а третата награда и припадна на Ели Маказлиева за книгата „Среќен роденден“, чии илустрациите се на Игор Јовчевски, а е во издание на Едука мак.
Во категоријата награда „Јаков од Камена Река“ за најдобра компјутерска обработка за печат или отпечатена книга или едиција меѓу двата саеми првата награда ја освоија Исмаил Р. ел Фаруки и Лоис Ламија ел Фаруки за книгата „Културен атлас на исламот“ во издание на Логос-А од Скопје, а втората награда ја доби Тихомир Стојков за книгата „Белешки 88-014“ во издание на Авант прес од Скопје. Во категоријата „Најдобар книжар меѓу двата саеми“ наградата и припадна на Магдалена Стојмановиќ од издавачката куќа Икона од Скопје.