Здравството како Идризово, повеќе се казнуваат отколку што лекуваат


Јавната здравствена установа Козле реагираше со соопштение на информациите низ медиумите дека избркала од работа докторка по 27 години стаж и дека доктори одат на боледување за да се „лечат“ од тортурата што ја спроведува таа како партиски кадар. Денеска и лекарскиот колегиум преку протестно писмо побара разрешување на в.д. директорката Каролина Симоновска. Од болницата нападите ги нарекоа оркестрирани иако и од нивната реакција се гледа дека таму се функционира со санкции и дека работната атмосфера е нарушена.
 

„Секое лекарско однесување надвор од лекарската етика, а особено при извршување на оперативен зафат на малолетно лице, мора да се санкционира.По однос на оркестрираниот политички напад врз вд Директорката на ЈЗУ Козле, Каролина Симоновска, јавноста треба да знае дека секое лекарско однесување надвор од лекарската етика, а особено при извршување на оперативен зафат на малолетно лице, мора да се санкционира како не би настанале полоши последици за кои потоа  би била задоцнета  било каква реакција. Дрското однесување и попречување на работата е недозволено и мора да биде санкционирано без оглед за кого се работи“, се наведува во реакцијата на ЈЗУ Козле.

Инаку, станува збор за Веселинка Митровска Јосифова која 27 години работи во истата болница и од тоа 22 години вршела бронхоскопија. Истиот ден кога доби отказ и било прекинато и здравственото осигурување иако била на боледување,а по 27 години лечење други не можела да се лекува самата. 

„Ги претворивте болниците во штабови, ни за деца немате милост! А на тој пресот, легендарниот, му се заканија на еден снимател дека ќе му дошло време дете да носи и он во Козле, зашто не им се допаѓаа прашањата. Кај Иван Исцелител ли да ги носиме децата бе, само вие да сте среќни? Грешката ќе си ја поправите ама со судови, кај што ќе има директен пренос од све што сте правеле“, реагираше новинарката Мирослава Симоновска околу случајот. 

Според неа, срамота е што министерот за здравство Арбен  Таравари дозволил јавното здравство да го водат лоши менаџери. 

Дали знаете колку лекари од Козле моментално се на боледување поради тортурата што ја врши врз нив директорката?“, реагираше новинарот Фуркан Салиу на социјалните мрежи. Според него само како „ненормално“ може да се опише тоа што се случува на детската клиника во Козле .

„За време на бронхоскопија, додека пациент – дете чекало во салата, директорката го искористила моментот за да се пресмета со лекарка која од 2006 година е дел од овој тим.
Ѝ наредила да излезе од салата, но таа одбила, образложувајќи дека има одлука што ја обврзува да биде таму и дека, ако излезе, животот на пациентот ќе биде загрозен.
Директорката ја фатила за рака и со обезбедување  ја отстранила од салата. А денес, додека е на боледување, ѝ врачила отказ. За ситуацијата да биде уште поненормална, отказното решение не ѝ било доставено – дознала дека повеќе нема здравствено осигурување дури кога се обратила кај својот матичен лекар.Сето ова се случува затоа што Каролина Симоновска, директорката на „Козле“, има политичка поддршка“, пишува  Салиу, прашувајќи што треба да направи за конечно да биде сменета.
„ Дали треба да загине дете додека таа се пресметува со лекарите за конечно да се преземат мерки?“

Од лекарскиот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања кај децата е отказот на д-р Веселинка Јосифовска Митровска го карактеризираат како скандал и велат дека таа е бескрупулозно избркана од работа.

„Во отказното решение добиено од раководството таа е обвинета дека физички присуствувала во кабинетот за бронхоскопија кога се интервенирало на вадење на страно тело од дишните патишта на пациент. Присуството на колешката само ја потврдува нејзината загриженост за здравјето на пациентите кои се нејзин домен на работа. Докторката Јосифовска се соочила со непријатна средба со директорката, и тоа за време на интеревенцијата, и истата се обидувала насилно да ја острани од кабинетот за што постојат сведоци. Ја информираме јавноста дека интервенцијата кај детето резултирала со успех, извадено е туѓо тело од дишните патишта на пациентот. Со ништо и во ниеден момент не било загрозено детето, ниту пак присуството на лекар кој има 22 години искуство со оваа проблематика би можело на било кој начин да го загрози животот на детето. Напротив доколку би дошло до компликации, лекарите кои се присутни, а имаат долгогодишно искуство би можеле да интервенираат веднаш.
 
Но, парадоксот е дека според директорката (како што пишува во отказното решение) нејзиното присуство го довело во опасност животот на пациентот. Изразуваме најсилна безрезервна поддршка за нашата колешка д-р Веселинка Јосифовска Митровска за која сметаме дека и е нанесена целосна неправда и без никаква вина добива отказно решение од актуелното раководство“, се наведува во протестното писмо.
 
Според лекарскиот колегиум, своеволието на директорката уништува многу животи, ја уништува клиниката Козле, а тоа дирекно се рефлектира на пациентите.

 

„Откако е назначена досега, нејзиното директорување брои низа скандали за кои јавноста беше информирана. Се спроведоа и средби со министерот за здравство на кои беа укажани проблемите во клиниката. Се депонираа 30 потписи на лекари кои бараа разрешување на директорката. Сѐ уште се чека одговор за нејзино разрешување“, се наведува во писмото.

Лекарскиот колегиум упатува молба до министерот за здравство, Арбен Таравари и премиерот, Христијан Мицкоски „да стават крај на своеволието на Симоновска бидејќи клиниката Козле е државна институција од огромно значење во пружањето на здравствена заштита на највулнерабилната група на пациенти, децата, и дискредитацијата што и ја нанесува директорката на оваа клиника е дискредитација на целиот здравствен систем“.