Завршува рокот за аплицирање за земјоделски субвенции
Во 00:00 часот вечер завршува рокот за поднесување барања за субвенции за растително производство (поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади), за сточарско производство (одгледувачи на говеда, овци, кози, пчели свињи), како и за заклани животни во кланица од годинашната Програма за директна поддршка.
До вчера претпладне, како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, вкупно 60.350 земјоделци поднеле барања за субвенции.
МЗШВ воедно апелира земјоделците да го запазат рокот за поднесување барања за да се продолжи постапката за обработка на решенијата за исплата на субвенциите.
Според информациите од подрачните единици, се очекува до крајот на рокот вечерва, бројот на апликанти да се зголеми.
-Сите земјоделци кои сакаат да ги поднесат своите барања можат да го сторат тоа самостојно, по електорнски пат преку регистрирање во системот на веб страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој www.ipardpa.gov.mk, заклучно со утрешниот ден (петок) до 00:00 часот, велат од Министерството.
Оние земјоделци кои не можат електронски да поднесат барања или имаат потреба од помош, можат да се обратат во подрачните единици на Министерството. Доколку им е потребна дополнителна помош, може да се јават и телефонски, на контакт-броевите истакнати на веб страницата на МЗШВ.